„Руската Федерација, поради тоа што ја губи на тактичко и одбранбено ниво состојбата на теренот, односно имаме широк продор на украинските сили, и за разлика од досега кога се бранеше, сега ги ослободува сопствените територии, сметам дека преку хибридни закани може да се отворат и да се злоупотребат некои од отворените прашања на Балканот кои може да претставуваат политички ризик“, вели универзитетскиот професор
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека во моментов немаме индикации за влошување на безбедноста и дека нашите безбедносни служби работат во полн капацитет во однос на заштитата на територијалниот интегритет на Република Северна Македонија
Имајќи предвид дека имаме воена агресија на европскиот континент, се разбира дека има ризици по националната безбедност, но врз основа на соработката и координацијата што ја имаме како земја членка на НАТО тие се превенираат и состојбата се следи на соодветно ниво, вели универзитетскиот професор Ѓуровски.
Според Ѓуровски, најизвесни се безбедносните закани од хибриден карактер кои можат да влијаат за политичка и економска дестабилизација на државата и на земјите од регионот.
„Се разбира, не може да се исклучи влијание на политичка и економска дестабилизација и на државата и на земјите од регионот пред се преку хибриден карактер на безбедносни ризици. Руската Федерација, поради тоа што ја губи на тактичко и одбранбено ниво состојбата на теренот, односно имаме широк продор на украинските сили, и за разлика од досега кога се бранеше, сега ги ослободува сопствените територии, сметам дека преку хибридни закани може да се отворат и да се злоупотребат некои од отворените прашања на Балканот кои може да претставуваат политички ризик“,
изјави Ѓуровски одговарајќи на новинарски прашања по научно-стручната дебата и промоцијата на книгата „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка”, на која тој е еден од авторите, покрај неговите колеги професорот Оливер Бакрески и м-р Лета Барџиева Миовска.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој присуствуваше на настанот и имаше свое обраќање, во изјава за медиумите рече дека во моментов немаме индикации за влошување на безбедноста.
„Генерално, безбедноста претставува сериозен предизвик поради случувањата со инвазијата на Русија врз Украина. Нашите безбедносни служби работат во полн капацитет во однос на заштитата на територијалниот интегритет на Република Северна Македонија“,
изјави Спасовски.
Тој потенцира дека сега можеме да ги увидиме придобивките од членството во НАТО.
„Значењето на тоа членство во НАТО можеме да го увидиме сега, во моменти кога имаме еден ваков сериозен конфликт. Така што сите случувања на тој план треба да нè држат будни, како безбедносни служби. Инаку овде немаме индикации за нарушување и во однос на мигрантите. Ние немаме практично зголемување на бројот на илегалните обиди во споредба со истиот период од минатата година“,
посочи министерот за внатрешни работи, додавајќи дека иако имаме намалување на бројот на илегални мигранти, состојбата околу мигрантската криза се следи постојано и врз основа на параметрите соодветно се реагира.
Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога очекува да биде потпишан договорот со ФРОНТЕКС, изјави оти очекува тоа да се случи следниот месец.
„Јас очекувам можеби следниот месец дека ќе се завршат сите формални постапки во рамките на Европската Унија и ќе можеме да го потпишеме, секако дека тоа ќе биде прв договор на ниво ЕУ – Северна Македонија, кој што ќе биде потпишан некаде кон крајот на октомври“,
рече Спасовски.
За потсетување, договорот за Фронтекс досега беше блокиран поради одбивањето на Бугарија да ги прифати зборовите “македонски јазик“ во текстот.
Во однос на безбедносната состојба во Европа, рускиот претседател Владимир Путин во вчерашното обраќање до нацијата прогласи делумна мобилизација и се закани дека Москва ќе ги искористи сите средства ако има закана за територијалниот интегритет на Русија.