„Не можеме да кажеме дека тоа со сигурност ќе се случи. Како Влада ги следиме настаните и работиме согласно закон. Ако потенцијалниот инвеститор отвори арбитражна постапка, Владата ќе се вклучи во тој процес и ќе се обиде целиот процес да се одвива во интерес на граѓаните, а не да се губат буџетски средства“, смета министерката за животна средина Каја Шукова
Не е невообичаено еден од министрите во Владата да побара одредена одлука повторно да се разгледа како што се направи со концесиите за Иловица, оцени денеска министерската за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
„Тоа се направи на последната владина седница на која министерот за економија убаво го образложи целиот процес за добивањето на концесиите за рудникот Иловица кој се случува од 2005 година, по што беше поништена одлуката за спојување на концесиите. Како ќе продолжи процесот понатаму е во рамките на ресорот на Министерството за економија“,
рече Шукова во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Таа нагласи дека по повторното разгледување на одлуката, Владата донела став и ја поништила претходната одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица.
Како што истакна, во моментов не располага со податоци какви се проценките за количините злато и бакар што би ги имал на располагање потенцијалниот инвеститор во Иловица.
Додаде дека во моментов може само да се претпоставува дали инвеститорот ќе ја обжали одлуката на арбитражен суд.
„Не можеме да кажеме дека тоа со сигурност ќе се случи. Како Влада ги следиме настаните и работиме согласно закон. Ако потенцијалниот инвеститор отвори арбитражна постапка, Владата ќе се вклучи во тој процес и ќе се обиде целиот процес да се одвива во интерес на граѓаните, а не да се губат буџетски средства. Тоа е процес што го водат посебни арбитражни куќи и се надевам дека ќе заврши во интерес на државата“,
потенцира Шукова.
Владата претходно на седница на 27 јуни донесе одлука да се спојат двете концесии за рудникот Иловица-Штука, по што дел од министрите се жалеа дека точката на дневен ред била ставена како дополнителна на само еден ден пред одржувањето на седницата и дека не можеле да ги разгледаат поднесените материјали при носењето на првичната одлука.
Потоа, Владата донесе одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица-Штука.
„Министерството за економија е на став да се донесе акт каде што се утврдува дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животна средина. Откако ќе се донесе тој акт, утредента Министерството за економија ќе достави предлог за раскинување на договор… Ние досега не поседуваме никаков акт дека е одбиено некое решение, некој елаборат, ниту имаме некое негативно мислење во последните 15 години“,
рече министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција пред два дена.