Јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и на основа на тоа да задолжи соодветни институции за да се проверат сите факти и аргументи, вели министерот за внатрешни работи

Има можност да се отвори постапка за проверка на финансиските текови околу продажбата на трговскиот центар „Соравиjа“, со која, како што беше објавено вчера, со 39 проценти удел ќе се стекне Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Ова се податоци и информации коишто даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред сè финансиските текови, и секако дека јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и врз основа на тоа да задолжи соодветни институции за спроведување на законот и да се проверат сите факти и аргументи“,
одговори Спасовски на новинарско прашање дали МВР ќе провери како внукот на Ахмети влегува како сопственик на 39 отсто од „Соравија“.
Во случајот со трговскиот центар во центарот на Скопје, конкретно станува збор за продажба на две фирми – „Соравија инвест“ и „Соравија менаџмент“, кои досега беа во сопственост на австрискиот бизнисмен „Хано Соравија“.
Во првата фирма, тој продава 90 отсто од акциите, додека во втората 100 отсто. Внукот на Ахмети, како сопственик на „Тор индустрис“ во новата сопственичка структура ќе има 39 отсто удел во „Соравија инвест“, а 49 во „Соравија менаџмент“. Како мнозински сопственик со 51 отсто во двете фирми ќе биде фирмата „Пе-вла-ку“ од Албанија на бизнисменот Владимир Пјетерѓокај.
Вчера тројцата бизнис партнери (Хано Соравиа, Владимир Пјетерѓокај и Дрин Ахмети) одржаа заедничка прес-конференција, но не открија за колку пари се продава трговскиот центар бидејќи, посочија, тоа е деловна тајна.
Тие кажаа дека новите газди го преземаат долгот на „Соравија“ од над 20 милиони евра, како и дека подигнале кредитна линија од шест милиони евра од албанската банка „Креденс“ во Тирана каде што токму Пјетерѓокај е мнозински акционер. Како гаранција во земањето на кредитот, уверуваше Ахмети, тој и неговата фирма не дале ниту денар. За нив гарантирал Пјетерѓокај, кој исто така ги уверуваше новинарите дека верува во овој проект.
