Непостапувањето на Јавното обвинителство и истражните органи ќе значи нивна вмешаност, но и ќе остане запаметено како најподаничкото однесување на ЈО и одлика на заробената држава од страна на ДУИ и на СДС, рече Ковачки

Дрин Ахмети, со вчерашното признание дека презема 39 отсто од сопственоста на деловниот центар „Соравија“, без да даде ниту еден денар за тоа, само затоа што има претприемачки дух, фрла сомнеж и дополнително го инкриминира Али Ахмети, дека тој лично стои зад целата оваа зделка, рече на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„’Тор индустрис’ на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, е фирма која е основана во 2020 година, таа не прикажува профит, напротив, работи и со загуба. Истата оваа фирма, сега заедно со албанската ‘Пе-вла-ку’, го презема деловниот центар ‘Соравија’ и, наместо со паричен влог, фирмата партнер од Албанија е таа која плаќа, а младиот Ахмети добива 39 отсто затоа што е млад и има убав поглед кон иднината. И како таков треба да го менаџира деловниот центар“,
рече Ковачки.
Ковачки смета дека за овој случај Јавното обвинителство и органите на прогонот треба да отворат истрага веднаш.
„Секој граѓанин, но и Јавното обвинителство и истражните органи треба да си дадат пред себе одговор на следното прашање. Дали кој било друг бизнисмен од Македонија или каде било во светот ќе добие 39 отсто од некоја милионска луксузна недвижност, без да плати за тоа ниту еден цент, само затоа што има претприемачки дух?“,
праша Ковачки додавајќи дека одговорот на ова прашање е „не“.
Токму затоа, рече Ковачки, непостапувањето од страна на Јавното обвинителство и на истражните органи ќе значи нивна вмешаност, но и ќе остане запаметено како најподаничкото однесување на ЈО и одлика на заробената држава од страна на ДУИ и на СДС. Сите инволвирани, додаде Ковачки, треба да знаат дека за ова одговорност ќе има.
Според Ковачки, кога си внук на Али Ахмети, покрај тоа што други фирми плаќаат за да ти бидат партнери, и Владата ти дава милионски бизниси, министрите од ДУИ, како што рече, се редат за да гласаат за тебе.
„Имено, на 14.5.2019 година на седница на Владата, на која биле Бујар Османи и Крешник Бектеши, е донесена одлука да се даде концесија за изградба на мала хидроцентрала на ‘Еверест ЏД’ на Дрин Ахмети, кога младиот претприемач имал само 21 година. Концесијата е на 23 години, а предвидената хидроцентрала треба да биде со моќност од 387 киловати. За да се направи таква хидроцентрала, потребни се 1,2 милион евра. Гледајќи како функционира Дрин Ахмети, сигурно некоја банка одлучила во целост да ја покрие инвестицијата на 21-годишникот“,
додаде Ковачки.
Внукот на Ахмети, според Ковачки, очигледно е најпосакуваниот бизнис партнер во Македонија затоа што, како што рече, за тој да влезе во бизнис не плаќа, туку други плаќаат за него.
