Руската Централна изборна комисија во неделата вечерта објави дека партијата на Путин води на регионалните и општински избори кои освен во Русија се одржаа и во четирите украински територии кои се делумно под руска контрола – Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Со изборите што траеја три дена на окупираните територии на исток и југ, Москва се обидува да ги легитимира анексиите во Украина
Руските власти ја објавија победата на партијата на Владимир Путин, Единствена Русија, на изборите организирани во четирите украински територии кои Русија ги анектира минатата година наведувајќи дека партијата освоила повеќе од 70 отсто од гласовите.
На изборите се гласаше за избор на гувернери, регионални заменици и градски советници.
Руската Централна изборна комисија во неделата вечерта објави дека партијата на Путин води на регионалните и општински избори кои освен во Русија се одржаа и во четирите украински територии кои се делумно под руска контрола – Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Со изборите што траеја три дена на окупираните територии на исток и југ, Москва се обидува да ги легитимира анексиите во Украина.
„Врз основа на 100 отсто преброени гласови во областа Херсон, Единствена Русија победи со голема разлика на изборите за собранието на тој регион. Врз основа на тоа, Единствена Русија освои 28 мандати“,
изјави претседателката на регионалната изборна комисија Марина Захарова.
На изборите во Луганск, партијата на Путин освоила 74,63 отсто од вкупниот број гласови, во Запорожје 83,01 отсто од гласовите, а во Донецк, партијата Единствена Русија добила 75,69 отсто од вкупниот број на гласови.
Претходно на тие територии се одржа референдум, кој Киев и западните земји го означија како лажен. Ставот на официјален Киев е дека изборите кои сега се одржаа во тие области се незаконски.
На четирите анектирани територии, руските и проруските власти се обидоа да претстават нормална ситуација и покрај тековните конфликти. Таму борбите продолжуваат и натаму да беснеат, додека Украина ја продолжува контраофанзивата вдолж фронтот долг речиси 1 000 километри.
Изборите се одржаа неколку месеци пред претседателските избори закажани за почетокот на 2024 година, на кои, доколку победи, Владимир Путин ќе остане на власт до 2030 година.