Путин досега многупати својата воена агресија врз Украина ја оправдува, меѓу другото, со „одбрана на традиционалните и семејни вредности“ кои „Западот сака да ги уништи“. Според Путин, западните земји се тие што сакаат да го уништат семејството и православието, преку тоа што ги „благословуваат истополовите заедници“ и ја „одобруваат педофилијата“
Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша декрет со кој им се нуди престој на граѓани на странски земји кои сакаат да избегаат од неолибералните идеали и да се преселат во Русија.
Странските државјани ќе имаат право да аплицираат за привремен престој во Русија и од нив нема да се бара да поднесуваат документи со кои ќе се докаже дека зборуваат руски јазик и дека ја познаваат историјата и основните закони, се наведува во уредбата што ја пренесоа руските медиуми.
Апликациите ќе се засноваат на фактот дека граѓаните кои сакаат престој ги отфрлиле политиките на земјите од кои доаѓаат и кои „имаат за цел да му наметнат на народот деструктивни неолиберални идеали, кои се спротивни на традиционалните руски духовни и морални вредности“.
Со декретот се очекува руската влада да состави список на земји кои наметнуваат „нездрави ставови на своите граѓани“.
Наложено е Министерството за надворешни работи да почне со издавање на тримесечни визи за таквите апликанти веќе во септември.
Путин досега многупати својата воена агресија врз Украина ја оправдува, меѓу другото, со „одбрана на традиционалните и семејни вредности“ кои „Западот сака да ги уништи“. Според Путин, западните земји се тие кои што сакаат да го уништат семејството и православието, преку тоа што ги „благословуваат истополовите заедници“ и ја „одобруваат педофилијата“.
„Тие никогаш не престануваат да лажат и да ги искривуваат историските факти додека ја напаѓаат нашата култура, Руската православна црква и другите традиционални верски организации во нашата земја. Погледнете што му прават на сопствениот народ. Се работи за уништување на семејството, на културниот и националниот идентитет, перверзија и злоупотреба на децата, вклучително и педофилија, а сето тоа е прогласено за нормално во нивниот живот. Ги тераат свештениците да благословуваат истополови бракови. Благослови ги нивните срца, нека прават што сакаат… Милиони луѓе на Запад сфаќаат дека се доведени до духовна катастрофа. Искрено, се чини дека елитата полуде и се чини дека нема лек за тоа. Но, како што реков, тоа се нивни проблеми, додека ние мора да ги заштитиме нашите деца, и тоа ќе го направиме. Ќе ги заштитиме нашите деца од деградација и дегенерација“,
рече, меѓу другото, Путин во своето обраќање до Федералното собрание во февруари 2023 година.