Филипче порача граѓаните да бидат спокојни бидејќи, како што вели, никој нема да биде оставен без здравствена заштита
Монтажната болница за ковид-19 е речиси исполнета, а нови пациенти ќе се примаат на Клиниката за неврологија и Клиниката за дерматологија, каде што има пристап до централен довод за кислород, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.
Филипче вели дека дополнителни болнички легла се обезбедени во Институтот за белодробни заболувања и болницата „8 Септември“, како и на сите интерни одделенија во другите болници.
Филипче порача граѓаните да бидат спокојни бидејќи, како што вели, никој нема да биде оставен без здравствена заштита. Болнички капацитети тврди дека има доволно, а се прави мобилизација и на здравствениот кадар од целиот Клинички центар.
„Дополнителни одделенија се веќе спремни. И болнички легла има доволно и кадарот е спремен да работи со пациенти со ковид. Апелирам да се почитуваат новите мерки. Вчера се изгласа измената на Законот за заштита на населението од заразни болести. Мерките кои се сега во сила се мерки кои се имплементирани во цела Европа, ограничениот капацитет на пополнување во јавниот превоз, задолжително носење маски на отворено, затворање на угостителските објекти во 23 часот, препораката да се работи од дома и онлајн, е нешто што доколку се почитува може сериозно да ја намали трансмисијата на вирусот“,
порача Филипче.
Министерот посочи дека вчера се сретнал со претставници на Лекарската комора, а утре ќе има состанок со 56 интернисти, кои, како што рече, иницијално изразиле согласност и се подготвени да се приклучат во системот на дежурства.