Началникот на одделението за увид на место на настан при СВР Скопје, Горан Милошевски, денеска како сведок даде исказ во продолжението на предметот ,,Монструм“.
Неговиот исказ беше во врска со возилото „опел омега“, кое беше најдено во местото Враживир.
„На 13 април на работа бев од 7 до 15 часот. Од старешината Владо Мирчевски добив сознание дека во Враживир е пронајдено возило кое веројатно е поврзано со настанот на 12 април. Од никого не сум добил дојава за тоа“,
рече Милошевски.
Тој, исто така, посочи дека воопшто не го видел возилото.
Во меѓувреме, одбраната на обвинетите поднесе листа на предложени докази кои треба да се презентираат на следните рочишта. Меѓу сведоците кои одбраната ги предлага е и Миле Јанакиески, за разговор поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Следното рочиште е закажано за 31 август.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се: Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Судењето за овој предмет го водат Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Досега во овој предмет сведочеа: ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, поранешниот вицепремиер Муса Џафери и ексминистерот за правда Блерим Беџети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вицепремиерот Бујар Османи и обвинителот Џелал Бајрами, кој во време на убиството беше заменик-министер во МВР, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Гордана Јанкулоска и Љупчо Тодоровски-Радникот.