Реакцијата на ДУИ доаѓа откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вчера кажа дека добила информација од Владата дека осуммилионскиот долг кон ЈСП ќе биде платен со парите кои биле предвидени за изградба на булеварот „Хасан Приштина“
Предлогот на моноетничката влада, проблемите со Градот Скопје да се решаваат на сметка на Албанците преку стопирање на изградбата на булеварот „Хасан Приштина“ на патот кон Косово, е неприфатлив и неостварлив, реагираат од Демократската унија за интеграции.
Од партијата на Ахмети велат дека како и по обичај за случајот не реагирале вазалите од „Вреди“ и прашуваат дали тие имаат трошка достоинство затоа што влегле во влада без легитимитет која нема ниту една допирна точка со нивната програма.
„По негирањето на државното знаме, „делумното“ познавање на албанската химна, отстранувањето на албанскиот јазик, навредите кон административците, откажувањето пд уставните измени, Охридскиот договор, легитимитетот, јавно дадениот збор и депонираниот потпис, срамот пред Косово и Албанија, негирањето на Косово, носењето на путинистот Стоилковиќ како задолжен за нашите права, откажувањето од Коридор 8, дојде ред да се запре и виталниот проект за изградба на булеварот ‘Хасан Приштина’ на патот кон Косово“,
обвинуваат од ДУИ.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако вчера градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференција соопшти дека осум милионскиот долг кој Владата го има кон Јавното претпријатие „Скопје“ за бесплатен превоз на студенти ќе се исплати со пари кои биле наменети за изградба на булеварот „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово за што градоначалничката рече дека претставува уцена кон скопјани.