„Во Град Скопје ме гласаа 45 советници, но тука во Советот не гласаа ништо. Доколку можев без нив, досега градот ќе беше ‘тип-топ’, но јас го немам направено само она што Советот не го гласа, а без тие програми, законски не можам ништо да направам“, вели градоначалничката на Скопје
Вчерашната средба со премиерот Мицкоски и министерот Перински, Арсовска ја оцени како „политички циркус за добивање политички поени“
Речиси еден час, во тесна и преполна просторија, каде што истовремено беа сместени дваесетина новинари и сниматели, градоначалничката Данела Арсовска, честопати во напната атмосфера, одговараше на новинарски прашања поврзани со (не)функционалноста на градските јавни претпријатија, како и за вчерашната средба во Владата со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Арсовска даде краток осврт на нејзиното гледиште на вчерашната прес-конференција на Перински, за која кажа дека се согласува само со неговиот генерален заклучок – дека советничките групи во рамки на Градот Скопје немаат меѓусебна комуникација, што според градоначалничката е добар показател дека Мицкоски се обидува да ги поправи грешките на неговите сопартијци чии постапки наликувале на политички циркус за добивање политички поени.
„Иако вчера презентиравме конкретен план, со конкретни мерки за состојбите, тие не го прифатија и побараа од нас нов план. Но, беа изненадени оти го прифативме и тоа. Вчерашниот состанок траеше околу еден час и ние ги презентиравме работите една по една, а тие ни ги одбиваа. Прифативме да направиме нов план и сега ќе видиме од кој обид ќе им се допадне планот. Ние не сакаме конфликти и сакаме да докажеме и да покажеме кој сака конфликтни решенија“,
рече Арсовска.
Арсовска говореше и за плановите што како градоначалничка ги доставувала до јавните претпријатија, а кои биле саботирани од Советот, како програма за вработување на 120 сезонски работници кои би се грижеле за хигиената во градот, како и за животна средина, за што рече, „ќе видите во ноември зошто не се донесе“. Од Градот предложиле и советниците да се состанат на вонредна седница на која би се изгласале програмите за работа на јавните претпријатија.
Дополнително, за состојбите во ЈСП „Скопје“, односно за немањето доволен број автобуси што ќе ги сервисираат потребите на скопјани, таа вели дека прстот не треба да се вперува кон неа оти Мицкоски бил покрај неа кога таа ги дала изборните ветувања, а кажа и дека бојкотот со кој се соочува од страна на Советот е главна причина за нефункционалноста оти доколку таа можела да носи одлуки без нив досега градот би бил „тип-топ“.
„Имав 45 личности предлог-советници кои на секој настап кога го презентирав тоа тие го кочеа, а претходно велеа дека ќе бидат гаранти на моите проекти. Зошто не ги поставувате прашањата на градоначалници кои лажат по телевизии дека имаат 90% реализирана програма кога во реалност исполниле само два отсто. Но, тие имаат совети кои заедно им ги имплементираат одлуките од првиот месец на годината. Имаат буџети кои никој не им ги спори, а ние тука во Градот Скопје се бориме со политички дилетанти“,
вели Арсовска.
Градоначалничката Арсовска рече дека новиот план што ќе го изработат ќе биде презентиран наскоро по што ќе се види кој колку сработил.
По оваа тема, следуваа прашања и на неколку други теми поврзани со (не)функционирањето на Градот – од тоа зошто не е започната изградбата на пречистителната станица во Скопје до проблемот со бројот на автобуси пред зимскиот возен ред.
„Прво, две општини имаа застои во своите ДУП, тоа не е застој на ‘Водовод’. Тоа се Аеродром и Гази Баба кои требаше да ги донесат во советите. Откако го направија тоа, почна изработката на проектот кој е сложен процес и за кој требаат градежни дозволи. Тоа е исто да ме прашате дали Мицкоски утринава има платено некоја работа на некоја сметка“,
рече Арсовска за пречистителната станица.
Во однос на проблемот со автобусите, таа рече дека Градот можел да има нови автобуси уште пред две години, но Советот на Град Скопје намерно ја саботирал, а дополнително вели дека Владата има долг кон ЈСП во износ од осум милиони евра кои не ги плаќа четири години наназад. Во однос на овој долг, добиле уверување дека сегашната влада ќе ги исплати парите со повлекување средства кои биле предвидени за изградба на новиот булевар во Визбегово – „Хасан Приштина“, што за неа претставува директна уцена кон граѓаните.
„Секоја година од 2022-та да набавувавме по 50 автобуси, сега ќе имавме 150 автобуси. Тие вчера на средбата ни рекоа дека за жал нема пари во буџетот, а можеа да купат автобуси, да се одважат како Груевски. Но, тие не понудија ништо, туку нов план. И нема проблем, ќе правиме планови, сè додека не им се допаднат“,
заклучи Арсовска.
Вчера по средбата на Арсовска со премиерот Мицкоски и министерот на локална самоуправа Златко Перински, која се одржа во Владата, токму Перински на прес-конференција соопшти дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, до четврток треба да изработи план за тоа како да се поправат состојбите во Градот и во јавните претпријатија и тој план да биде презентиран пред Советот, по што Владата ќе види на кој начин ќе може, согласно законските можности, да помогне во негова реализацијата.
Како што рече тој, по состанокот биле уште позагрижени отколку пред него. Очекувале некаков предлог од Арсовска за тоа како да се решат проблемите, но, како што посочи, такво нешто не добиле, освен критика насочена кон Советот, која, според Перински, е неоснована.
„Нашите очекувања беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план, да помогнеме тој план да се реализира, но за жал не слушнавме ништо. Очајна е состојбата во Градот и во јавните претпријатија и генерален заклучок е дека проблемот лежи во немањето комуникација меѓу советничките групи. Се договоривме градоначалничката Арсовска до четврток да состави некаков план кој ќе биде презентиран пред советниците. Иако нашите очекувања не се големи, ќе почекаме до крајот на неделата и врз основа на тој план ќе видиме што може владата да помогне“,
рече Перински.