„Ние имаме Совет на АВМУ кој во моментов е со истечен мандат, што е противзаконски. Функционира, ама нема законски легитимитет. Јас сум правник и мислам дека треба да зборуваме од аспект на законот“, рече во интервју за „360 степени“ пратеничката и претседателка на ЛДП

Пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, би гласала за нов состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за што е неопходна двотретинска поддршка во Собранието. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, ова беше нејзиниот одговор на прашањето како ќе гласа ако утре на дневен ред на пленарна седница на парламентот дојде да се гласа за нови членови на овој орган.
„Ние имаме Совет на АВМУ кој во моментов е со истечен мандат, што е противзаконски. Функционира, ама нема законски легитимитет. Јас сум правник и мислам дека треба да зборуваме од аспект на законот. Една од нашите слабости како влада е тоа што не успеавме да го продолжиме мандатот на тие членови или да го обновиме Советот. Не гледам што е спорно. Би дала поддршка да имаме функционален, законски совет. Тие луѓе, на крајот од денот, се платени од граѓаните и треба да функционираат согласно законот. Треба да видиме кои ќе бидат финалните кандидати, дали тие ги имаат одредените стручни компетенции. Од тоа ќе зависи нашата одлука“,
вели Зајкова.
Прашана дали од ова може да се заклучи дека Моника Зајкова е меѓу 80-те гласа на кои смета премиерот Христијан Мицкоски, таа рече дека не сака да биде ставена во шаблон.
„Сепак, ова треба да го гледаме од аспект дали државата и граѓаните добиваат или не. Јас во партиски игри нема да учествувам, но ќе учествувам во сè она што ќе значи поддршка за граѓаните. Исто како што очекувам да се одважат сите партии што во минатиот состав не го поддржаа законот за платни системи на ЛДП, да се одважат сега и да дадат поддршка. Ако ние можевме да дадеме поддршка во минатиот состав за одредени политики што беа добри за граѓаните и да искритикуваме нешто што сме сметале дека не е добро, треба сега сите да се одважат и да дадат поддршка за наши предлози“,
рече таа.

Зајкова вели дека нема контакти со ВРМО-ДПМНЕ на тема – потенцијална коалиција.
„Цело време се зборува за коалиции, но ние сме далеку од избори. Јас не гледам дека на луѓето во моментов им е дојдено исклучиво до избори. Во време кога се најавува нова економска криза поради, знаеме што се случува, падот на економијата во Германија, кога светот е под нуклеарна закана, ние постојано да зборуваме за избори и за предизборни коалиции… И во Европа се случувале коалиции. Еве, во Германија може да дојде до коалиција меѓу социјалдемократите, како што се кај нас, и, ајде да кажам, демохристијаните или ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е ништо чудно затоа што државата е во економска криза и треба да се работи во интерес на граѓаните. Пак ќе кажам, тие коалиции треба да зависат од приближување на програмски определби, геополитиката, стратешките цели на државата. Оттука, многу е рано да се говори за какви било коалиции, но треба постојано да говориме за решенија што ќе им донесат повеќе бенефит на граѓаните“,
одговори Зајкова.