„Четботот обезбедува поефикасна и побрза обработка и структурирање на документацијата, со што креира сеопфатна база на знаење за користење на системот е-дневник на македонски и на албански јазик“, појаснуваат од Министерството за образование и наука
Министерството за образование и наука (МОН) објави дека се унапредува примената на е-дневнкиот со воведување ВИ-четбот, со кој ќе се овозможи интелигентно пребарување и генерирање прецизни одговори на сите прашања на корисниците на оваа алатка.

Четботот е изработен во соработка и со поддршка од Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ, при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
„Во рамки на соработката е развиено напредно софтверско решение во форма на четбот, кое е интегрирано во е-дневникот и овозможува интелигентно пребарување и генерирање прецизни одговори. Всушност четботот обезбедува поефикасна и побрза обработка и структурирање на документација, со што креира сеопфатна база на знаење за користење на системот е-дневник на македонски и на албански јазик“,
велат од МОН додавајќи дека на тој начин ќе се овозможи лесен пристап до релевантни информации и поддршка за корисниците.
Од Министерството посочуваат дека системот е успешно имплементиран, а воедно е воспоставен систем за мониторинг и оптимизација кој овозможува следење на перформансите и анализа на користењето.
