Испораката на учебниците за најниските одделенија од основното образование, според МОН, треба да заврши во следните две недели, а во меѓувреме ќе започне и печатењето на учебници за средното стручно образование
Од вчера започна испораката на новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование кои ќе бидат замена за материјалите што ги користеа учениците од овие одделенија, а кои го опфаќаа материјалот од првото тримесечје.
Ова денеска го соопштија од Министерството за образование (МОН), а како што додаваат, испораката на учебниците треба да заврши во следните две недели.
„Станува збор за 52 учебника изработени согласно нови наставни програми и напишани на сите јазици на кои се изведува наставата во основните училишта во државата – македонски, албански, турски, српски и босански јазик“,
велат од Министерство за образование и наука од каде што додаваат дека по ова ќе се продолжи со печатењето на повеќе нови учебници за средното стручно образование.
Од почетокот на 2022/2023 година учениците од прво, второ, четврто и петто одделение користат материјали за учење во кои се разработени содржини за првото тримесечје од учебната година.