Министерството за образование и наука апелриа општините и училиштата да ги исплатат наставниците кои работеле прекувремено , бидејќи парите за таа намена биле префрлени на време. Работата и посветеноста на наставниците треба да се вреднува и почитува, посебно во услови на пандемија кога сите заеднички вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година, велат од МОН.
„МОН редовно и навремено ги уплаќа блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата. Исто така МОН, уште во месец октомври испрати писмо до сите училишта со кое ги потсети на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства“
се наведува во соопштението од МОН.
Од министерството додаваат дека имаат дадено детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обратила за барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата.
Реакцијата на министерството следува по предупредувањата на СОНК дека учениците нема да ја завршат учебната година ако наставниците не добијат исплата за прекувремена работа.