Досега се испорачани само учебниците за четврто одделение по македонски јазик и по математика на македонски наставен јазик и учебниците по турски јазик за четврто и петто одделение на турски наставен јазик. Неделава, како што велат од МОН, се очекува да бидат испорачани 18 учебници за основно образование
Министерството за образование и наука (МОН) информира дека неделава ќе се врши испораката на 18 учебници од вториот и третиот договор за печатење откако, како што велат, е завршена испораката на учебниците по првиот договор. Досега се испорачани само учебниците за четврто одделение по македонски јазик и по математика на македонски наставен јазик и учебниците по турски јазик за четврто и петто одделение на турски наставен јазик.
Неделава, како што велат од МОН, се очекува да бидат испорачани 18 учебници и тоа:
- на македонски наставен јазик: македонски јазик за прво и за второ одделение, математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и за четврто одделение, историја и општество за четврто и за петто одделение;
- на турски наставен јазик: учебник за турски јазик за прво и второ одделение,
- на албански наставен јазик: учебник по математика за четврто одделение и учебници по албански јазик за второ, четврто и петто одделение;
- на српски наставен јазик: учебници по српски јазик за второ, четврто и за петто одделение, учебник по математика за четврто одделение.
По испораката на овие, како што велат од МОН, ќе започне испораката на учебниците по албански јазик и математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и четврто одделение и историја и општество за четврто и петто одделение, сите на албански наставен јазик.
„Ги известуваме учениците и родителите дека новите учебници ќе бидат достапни и на веб-страницата на Министерството за образование и наука www.e-ucebnici.mon.gov.mk. Апелираме до родителите да не прават непотребни трошоци и да ги копираат учебниците, бидејќи печатените учебници ќе бидат достапни за секој ученик бесплатно“,
се наведува во соопштението на Министерството.
Откако ќе бидат испечатени и испорачани учебниците за основно образование, како што велат од МОН, ќе продолжи печатењето на учебниците за средното стручно образование.
Испораката на новите учебници за основно образование започна на 17 ноември, на месец и половина од крајот на првото полугодие. Во меѓувреме, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение ги користат материјалите за учење кои ги опфаќаат содржините од првото тримесечје.