Претходно, Министерството за образование и наука соопшти дека во новата учебна година ќе бидат ангажирани 720 образовни асистенти, а јавните огласи за пријавување на заинтересираните, во следните неколку денови ќе ги објават основните училишта со ресурсни центри кои воедно и се задолжени за спроведување на целата постапка за селекција
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека образовните асистенти за кои државата планира да распише оглас и да ги вработи од септември се со недоосветна струка, како и голем дел од постоечките. Оттаму сметаат дека ова не е искрен гест на грижа на власта кон децата со посебни потреби, туку метод за зголемување на гласачката армија.
„Дополнително, власта прави невозможни комбинации. Од една страна намалуваат часови на лица на неопределено време, а од друга страна им се нуди ангажирање на определено време на невработени наставници. Наставниците ангажирани како образовни асистенти ја губат можноста за вработување на неопределено по својата струка (одделенски, предметни). На сите ли наставници ќе им ја менуваат струката? Тогаш нека ја затворат катедрата за дефектолози!“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Министерството за образование и наука соопшти дека во новата учебна година ќе бидат ангажирани 720 образовни асистенти, а јавните огласи за пријавување на заинтересираните, во следните неколку денови ќе ги објават основните училишта со ресурсни центри кои воедно и се задолжени за спроведување на целата постапка за селекција.
Оттаму посочија дека подигнувањето на степенот на инклузивност на националниот образовен систем е стратешки приоритет и клучна цел во програмата за работа на МОН.
„Во таа насока е воведена и услугата образовна асистенција како обврска на државата уредена со закон. Односно ангажирањето на образовни асистенти за учениците со попреченост кои следат настава во редовните основни училишта повеќе не е грижа и трошок за семејствата на учениците“,
соопштија од ресорното министерство.
Како што посочија од МОН, согласно Правилникот за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, образовен асистент може да биде лице кое сестекнало со звање: специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог со завршено VII/1 степен т.е. VIA според македонската рамка на квалифкациии МРК или 240 ЕКТС, како и лице кое што ги исполнува условите за наставник воодделенска настава (VII/1 степен т.е. VI A според МРК или 240 ЕКТС), односно наставник во предметна настава (VII/1 степен т.е. VI A според МРК или 240 ЕКТС).
По конечниот избор, образовните асистенти се вработуваат во основните училишта со ресурсни центри, со месечен надомест и платени придонеси од задолжително социјално осигурување.
Од МОН ги повикаа сите граѓани со соодветно образование и со желба за работа со ученици со попреченост, да ги следат веб страниците на основните училишта со ресурсни центри и да се пријават на повикот од соодветното училиште за кое се заинтересирани.