Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, а тоа ќе го планираат и организираат директорите на училиштата
Наставата од деновите кога ќе се спроведува гласањето за претседателските и парламентарните избори, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови, информираат од Министертсвото за образование и наука (МОН).
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, а истото ќе го планираат и организираат директорите на училиштата.
Од МОН потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
Деновите кога ќе се одржат претседателските и парламентарните избори, 24 април и 8 мај, ќе бидат неработни денови за сите граѓани, одлучи Владата на седницата одржана на 9 април.
„Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата од Министерството за труд и социјална политика за прогласување на 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) за неработни денови, поради одржување на избори за претседател на Република Северна Македонија и избори за пратеници во републичкото Собрание“,
беше наведено во соопштението од владината прес-служба.
Владата им препорача на работодавачите од приватниот сектор на територијата на Република Северна Македонија да ги спроведат овие заклучоци.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најави дека во текот на утрешниот ден ќе има дежурни пазарни инспектори кои на терен ќе вршат контроли дали од страна на работодавачите се почитува владината одлука за неработен ден.