Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а ние мораме да фатиме чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества, велат од Министерството за образование и наука за денешните протести во повеќе градови низ земјава на кои граѓани побараа референдум за Законот за учебници, со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците.
„Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства“,
се вели во денешното соопштението од МОН.
Од Министерството сметаат дека новиот закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во училиштата, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години.
Во меѓувреме, велат од Министерството за образование и наука, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои најавуваат како и досега со должно внимание ќе ги разгледуваат, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците.
„Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки закон за учебници кој ќе биде донесен во државата“, се вели во соопштението од МОН.
Од МОН апелираат сите кои сакаат да придонесат за унапредување на законското решение кое достапно на веб-страницата на МОН, да го направат тоа преку непосредна комуникација со министерството.
Промените, нагласуваат од МОН, се и одговор на долгогодишните барања на наставниците и на многу генерации на ученици.
„Токму поради нивниот интерес и обезбедување поквалитетно образование, а со тоа и подобра иднина, да бидеме сплотени во заложбите и да им овозможиме развој и целосна реализација на личниот потенцијал во границите на сопствената земја“,
потенцираат од Министерството за образование и наука.