Во болницата во Козле има 29 пациенти, меѓу кои и шест деца
Околу 400 пациенти позитивни или суспектни на ковид-19 се хоспитализирани во моментов во земјава – на Инфективната клиника и во болниците „8 Септември“ и „Козле“ во Скопје, како и во болниците во Штип, Битола и во неколку други градови во земјава.
Според последната статистика на Министерството за здравство, на Инфективната клиника во изминативе 24 часа се примени 5 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 52 пациенти, нема пациенти на респираторна машина.
Во болницата во Козле се хоспитализирани 23 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, но и пет деца кои се позитивни и едно суспектно на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, а вкупно хоспитализирани се 88 пациенти. На респираторна машина се четворица пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 28, а во болницата во Штип 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 110 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.
Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3486.
Трендовите на новодијагностицирани и хоспитализирани пациенти со ковид-19 сѐ уште се приближно исти, но не очекуваме поголем наплив во болниците, оцени денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој беше во посета на Здравствениот дом во Свети Николе.