Пунктот во Чаир е веќе во функција, а од утре почнува со работа и пунктот во „Млин Балкан“. Мобилната болница до Инфективната клиника е веќе прикрај, од утре ќе започне со работа, а до крајот на неделата целосно ќе биде во фунцкија.
Ова го соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, кој додаде дека со ова капацитетот на пунктови во Скопје се дуплира, а до крајот на оваа недела започнуваат со работа и останатите пунктови ширум државата во здравствнеите домови.
„Што се однесува до болницата „8 септември“ во текот на утринскиот состанок со Комисијата за заразни болести разговаравме за моделот по кој што може да се забрзаат резултатите со оглед на тоа што огромен број на пациенти доаѓа за друга здравствена услуга. Како и директно заради воспаление на белите дробови. Еден од мобилните тимови ќе биде посветен на земање на анализите на болницата „8 септември“, додека другиот мобилен тим кој што го најавивме во текот на минатата недела ќе работи преку системот на закажување пред се за повозрасните граѓани со цел тие да не излегуваат од дома и брис материјал да се зема во домашни услови“,
рече Филипче.
Во тек е надополнувањето со кадри од Клиниката за анестезиологија, како и медицински сестри од другите клиники согласно планот за ротација и поддршка на персоналот кој што работи на Инфективната клиника. Како што соопшти Филипче капацитетот на Инфективната клиника е исполнет 50 проценти. Хоспитализирани се 54 пациенти, од кои четворица се критично.
„Заводот за рехабилитација во Козле престанува со работа, не прима повеќе пациенти. На сите кои им се потребни вакви здравствени услуги тоа ќе го побараат во амбулантскиот дел на „8 септември““,
рече Филипче.
Двајца од дијагностицираните од заводот во Козле се префрлени на Клиниката за инфективни болести, а се чекаат резултатите во текот на денов на дополнителните 16 кои што се тестирани.
Вкупниот број на тестови направени во нашата земја од почетокот на пандемијата е 3518. Филипче напомена дека се известува точно и навремено за сите резултати од тестовите.