Реакцијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија следува откако премиерите на Грција и Бугарија, Киријакос Мицотакис и Димитар Главчев, на Самитот на ЕУ го отворија прашањето за почитувањето на преземените обврски на земјава на патот кон ЕУ
Во целост ги почитуваме преземените обврски од меѓународните договори чиј потписник е Република Северна Македонија, вклучително и Договорот од Преспа – велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија откако премиерите на Грција и Бугарија, Киријакос Мицотакис и Димитар Главчев, на Самитот на ЕУ во Брисел го отворија прашањето за почитувањето на преземените обврски на земјава на патот кон ЕУ.
Од МНР потсетуваат дека спроведувањето на Преспанскиот договор е обврска за двете страни и дополнително, како што се посочува во соопштението, ја реафирмираат подготвеноста за искористување на можностите кои ги нуди договорот за натамошно јакнење на билатералната соработка во сите области од заемен интерес.
„Во целост остануваме посветени на спроведување на европскиот интегративен процес преку доследно заокружување и надградување на започнатите реформи за членството во ЕУ, како наш врвен надворешнополитички приоритет“,
наведуваат од МНР во писменото соопштение во врска со почитувањето на Договорот од Преспа.
Официјалниот став на МНР следува откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и премиерот на Бугарија, Димитар Главчев, на Самитот на ЕУ во Брисел го покренаа прашањето за почитување на обврските кои земјава ги има преземено со Договорот од Преспа и со усвојувањето на Преговарачката рамка со ЕУ.