Од МНР посочија дека не издаваат сертификат за безбедност на вработените во дипломатијата, туку имаат обврска да реагираат доколку одреден вработен со правосилна одлука остане без сертификат за безбедност
Оттаму информираат дека во последното известување од страна на ДБКИ, за двајца вработени во дипломатијата не е одобрен безбедносен сертификат
Инаку, Викторија Трајков, вработена во МНР вчера во фејбук-статус рече дека со тоа што ѝ бил одземен безбедносниот сертификат се прават политички притисоци врз неа
Министерството за надворешни работи (МНР) ниту дава ниту одзема сертификат за безбедност. За тоа е задолжена Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), која има законска надлежност и обврска, во соработка со други институции, да издаде нов или да одземе веќе постоечки сертификат за безбедност од која било класа.

Ова денеска го соопштија од МНР, откако вчера Викторија Трајков, редовно вработен дипломат, на социјалните мрежи го прозва министерот Бујар Османи и посочи дека министерството противзаконски ѝ го одзело безбедносниот сертификат.
Од МНР, пак, посочија дека не издаваат сертификат за безбедност на вработените во дипломатијата, туку имаат обврска да реагираат доколку одреден вработен со правосилна одлука остане без сертификат за безбедност.
„Информираме дека во последното известување од страна на ДБКИ, за двајца вработени во дипломатијата не е одобрен безбедносен сертификат, се вели во соопштението од МНР.
Постапката за поседување сертификат за безбедност, се посочува во соопштението, е обврска за сите вработени во дипломатијата, и таа се спроведува во континуитет.
Инаку, Викторија Трајков, вработена во МНР, вчера во фејбук-статус рече дека со тоа што ѝ бил одземен безбедносниот сертификат се прават политички притисоци врз неа.
„Во обид да ме замолчите да ги изнесувам вашите кадровски злоупотреби во МНР, преку вашите инсталации во оваа корумпирана власт, противзаконски и без никаков основ ми го одзедовте безбедносниот сертификат. За ваква злоупотреба на безбедносните служби, бидете сигурни дека за многу брзо ќе има одговорност. Ова го правите додека сум на боледување со сериозни здравствени проблеми, што исто така само по себе претставува сериозна злоупотреба на службената положба и овластувања. Откако видовте дека со вакви методи нема да ме замолчите, отидовте уште еден чекор понатаму, одземајќи ми го дипломатскиот пасош којшто по закон ми следува“,
напиша таа на социјалната мрежа Фејсбук.