Во медиумите се појавија информации дека Владата на затворена седница пред два дена одобрила Бесмира Ејупи да биде именувана за генерален конзул во Њујорк
Во моментов генерален конзул во Тотова (Њу Џерси н.з.) е Јордан Панев, кој е дипломат од кариера и е избран согласно сите законски прописи. Тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена, реагираат од Министерството за надворешни работи откако во медиумите се појавија информации дека Владата на затворена седница пред два дена одобрила Бесмира Ејупи да биде именувана за генерален конзул во Њујорк.
Од МНР посочуваат дека објавените информации се нецелосни и дека се работи за информации од доверлив карактер.
Од кабинетот на Претседателот на државата вчеравечер појаснија дека постапката за именување генерален конзул на Република Северна Македонија во странство не е во надлежност на претседателот на државата, туку е во надлежност на Министерството за надворешни работи и Владата, и таа е регулирана со Законот за надворешни работи.
Од Владата нема потврда за информацијата дека 28-годишната ТВ-презентерка на вести ќе биде генерален конзул во Њујорк, како што објави порталот „Зум“. Оттаму не потврдуваат ниту дали имало затворена седница на која се донесени одлуки за испраќање на Ејупи во Њујорк, но и за пополнување други позиции во македонски дипломатско-конзуларни претставништва.