Министерството за надворешни работи, во рамките на своите надлежности, ги презема сите соодветни мерки и активности согласно виенската конвенција за дипломатски односи со цел да ја заштити националната безбедност на Република Северна Македонија, како и соодветно да ја заштити улогата и одговорноста на земјава како членка на НАТО алијансата, велат од МНР за „360 степени“ по информацијата во порталот Алмакос дека се работи за заменик военото аташе во Руската амбасада
Министерството за надворешни работи за „360 степени“ индиректно ја потврди информацијата дека е прогласен за персона нон грата руски дипломат од Амбасадата на Руската федерација во земјава, што ја објави порталот Алмакос.
Во одговор на нашето прашање, дали минатата недела е протеран заменик военото аташе во Руската амбасада, од МНР ни одговорија:
„Министерството за надворешни работи, во рамките на своите надлежности, ги презема сите соодветни мерки и активности согласно виенската конвенција за дипломатски односи со цел да ја заштити националната безбедност на Република Северна Македонија, како и соодветно да ја заштити улогата и одговорноста на земјава како членка на НАТО алијансата“,
велат од МНР за „360 степени“.
Порталот Алмакос, повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи, објави дека минатата среда повторно бил депортиран висок руски дипломат.
Станува збор за заменик-военото аташе А. Шевченко, кој според извори на Алмакос презел несоодветни дипломатски дејствија.
На нашето прашање до МНР да кажат зошто е тој протеран, не ни одговорија.
Во мај годинава, еден руски дипломат во земјава беше прогласен за персона нон грата, а како причина за протерување на дипломатот се посочуваат активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.
Претходно, рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Александрович Баздикин, бил повикан во македонското Министерството за надворешни работи, каде што бил известен за тоа.
Претседателот Стево Пендаровски тогаш изјави дека случајот со рускиот дипломат што е протеран од Скопје е документиран и од тоа што го видел, како што посочи, не станува збор за импровизација.
Овој потег тогаш се беше во време кога неколку европските држави презедоа активности за откривање шпионски групи во своите земји, што резултира со прогласување на повеќе руски разузнавачки службеници за персона нон грата. Во повеќето случаи следуваа реципрочни мерки од Москва.
Руското министерство за надворешни работи, во објавата тогаш, го оцени прогласувањето на дипломатот за персона нон грата како непријателски чин кон дипломатската мисија во Скопје и најави реципрочна мерка.
На 10 јуни во „Риа новости“ се појави информација дека Русија прогласи еден вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва за персона нон грата како одговор за протерувањето на руски дипломат од земјава.