Како што наведуваат и појаснуваат оттаму, досега преку официјалниот интерен комуникациски систем, девет амбасадори се известени за завршување на нивниот мандат и дека во наредниот период се очекува претседателката на државата да ги потпише указите за нивно отповикување
Дополнително, оттаму укажуваат дека во последниот период на социјалните мрежи и во некои медиуми зачестено се појавуваат, како што велат, фабрикувани и неточни фотографии од наводна мејл-комуникација меѓу вработените во Министерството, поради што е доставена пријава и побарана интервенција од Секторот за компјутерски криминал во МВР
Откако дел од информативните портали во земјава утринава објавија вест дека со владина одлука се отповикани повеќемина амбасадори назначени од претходниот претседател на државата Стево Пендаровски, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека станува збор за неточни наводи кои, како што додаваат оттаму, воопшто не соодветствуваат со фактичката состојба.

Во врска со постапката за отповикување на определен број амбасадори, од Министерството информираат дека се во редовна и континуирана комуникација со Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Како што наведуваат и појаснуваат оттаму, досега преку официјалниот интерен комуникациски систем, девет амбасадори се известени за завршување на нивниот мандат и дека во наредниот период се очекува претседателката на државата да ги потпише указите за нивно отповикување.
Од Министерството, исто така, нагласуваат дека целата институционална координација и комуникација, вклучително и онаа со дипломатско-конзуларните претставништва, се одвива преку заштитен интерен систем, а не преку електронска пошта.
Дополнително, оттаму укажуваат дека во последниот период на социјалните мрежи и во некои медиуми зачестено се појавуваат, како што велат, фабрикувани и неточни фотографии од наводна мејл-комуникација меѓу вработените во Министерството.
„Со цел расчистување и соодветно процесуирање на овие појави, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе достави пријава и побара интервенција од Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи“, се вели во соопштението.
На крајот од соопштението, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги повикуваат медиумите пред објавување на каква било информација поврзана со надлежностите и работата на Министерството, претходно да ја проверат нејзината автентичност и веродостојност.
Дел од информативните портали утринава објавија вест дека повеќемина амбасадори назначени од претходниот претседател на државата се отповикани од страна на Министерството за надворешни работи.
Веста со речиси идентична содржина варираше само во однос на бројката на отповикани дипломати. Дел од порталите наведуваа бројка од осум, други од девет амбасадори.
Наведувајќи ги со име и презиме, како причина за нивното наводно отповикување, беше посочено неисполнувањето на членот 39 од Законот за надворешни работи, односно затоа што не ги претставиле дипломатските тези пред собраниската Комисија за надворешна политика пред да бидат упатени за ополномоштени македонски амбасадори.
Инаку, неодамна од должноста амбасадор на Северна Македонија во Романија беше отповикан Андреј Жерновски, кој за одлуката, како што информира самиот на социјалната мрежа Фејсбук, дознал од „Службен весник“.
Имено, указот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за негово отповикување е објавен во „Службен весник“ на 14 февруари 2025 година, а, како што се наведува, ќе го изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно, поради истечен мандат, отповика седум амбасадори. Указите за нивно отповикување беа објавени на 11 ноември 2024 година во „Службен весник“.
Сиљановска-Давкова ги повлече амбасадорите на Северна Македонија во НАТО – Дане Талески, во Албанија – Данчо Марковски, во Данска – Фатон Бејта, во Казахстан – Сали Лимани и во Катар – Шабан Јашари. Отповикани беа и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која беше шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.
Во август минатата година, оставка од функцијата амбасадор во Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк поднесе Љубомир Фрчкоски, кој претходно беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото. До таков разговор не дојде поради здравствени причини на амбасадорот.
Покрај Фрчкоски, на консултации беа повикани и Жерновски и амбасадорот во Рим, Весел Мемеди.