Имено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донела указ за негово отповикување, објавен во „Службен весник“ на 14 февруари 2025 година. Указот, како што се наведува, ќе го изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија
Македонскиот амбасадор во Романија, Андреј Жерновски, е отповикан од должноста, а за одлуката, како што информира тој на социјалната мрежа Фејсбук, дознал од „Службен весник“.
Имено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донела указ за негово отповикување, објавен во „Службен весник“ на 14 февруари 2025 година. Указот, како што се наведува, ќе го изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

„Уште не можат да ги преболат трите круга и поразот во Центар. Од објава во ‘Службен весник’ дознав дека сум отповикан од должноста амбасадор на нашата земја во Романија, без никаква претходно добиена информација, што е спротивно на основните процедури пропишани во Уставот и Законот. Трагикомично! По 192 дена откако ме вратија на ‘консултации’ во државата, при што брутално е погазен Законот за надворешни работи, оваа одлука ја дознав сосема неофицијално. Очигледно, партиското резонирање повторно е посилно од законите и дипломатијата“,
пишува Жерновски на Фејсбук.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно, поради истечен мандат, отповика седум амбасадори. Указите за нивно отповикување беа објавени на 11 ноември 2024 година во „Службен весник“.
Сиљановска-Давкова ги повлече амбасадорите на Северна Македонија во НАТО – Дане Талески, во Албанија – Данчо Марковски, во Данска – Фатон Бејта, во Казахстан – Сали Лимани и во Катар – Шабан Јашари. Отповикани беа и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која беше шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.
Во август годинава оставка од функцијата амбасадор во Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк поднесе Љубомир Фрчкоски, кој претходно беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото. До таков разговор не дојде поради здравствени причини на амбасадорот.
Фрчкоски поднесе оставка од амбасадор во ОН, потврдија од кабинетот на Сиљановска-Давкова
Покрај Фрчкоски, на консултации беа повикани и Жерновски, како и амбасадорот во Рим, Весел Мемеди.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, откако претседателката ги отповика седумтемина амбасадори на кои им истече мандатот, за Жерновски рече дека правно тој никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт бидејќи нема предадено акредитивни писма.
Жерновски дипломатската функција во Романија почна да ја извршува во октомври 2022 година. Пред да биде назначен за амбасадор на РС Македонија во Република Романија, ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи.