Ова за МИА го соопштиле од Министерството откако претходно ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од амбасадорот на С Македонија во Рим, Весел Мемеди, поради испратената нота до властите на Италија со која ги информирал дека пасошите на македонските државјани со старото уставно име се неважечки по 12 февруари 2024 година
Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека по дипломатски пат е отповикана нотата која била испратена од Амбасадата на С Македонија во Рим до МНР на Италија, а во која се информира дека пасошите на македонските државјани со старото уставно име се неважечки по 12 февруари 2024 година.

Ова за МИА го соопштиле од МНР откако претходно ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од амбасадорот на С Македонија во Рим, Весел Мемеди, поради испратената нота до властите на Италија со која, како што велат од партијата, тој постапил спротивно на интересите и правата на околу 100 илјади македонски државјани во Италија.
„По добиените сознанија за испратената нота до италијанското МНР, истата по дипломатски пат веднаш е отповикана, уште пред стапување во сила на наведениот рок за важноста на пасошите и со тоа, не предизвика никакви импликации“,
велат од МНР.
Во рамки на Министерството, како што додаваат оттаму, веќе се спроведува интерна постапка за утврдување на одговорност за расчистување на случајот.
Дополнително, од МНР посочуваат дека ниту едно дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија нема добиено инструкција да доставува ноти по однос на ова прашање.
Ставот на МНР следи откако пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, побара одговорност од амбасадорот на С Македонија во Рим, Весел Мемеди, поради тоа што преку официјална нота ги известил властите во Италија дека и валидните патни исправи на македонските државјани кои се со старото уставно име се неважечки по 12 февруари 2024 година.
Нарекувајќи го скандалозен, Милошоски оцени дека случајот е особено сериозен со оглед на тоа што, како што вели, ниту Министерството за надворешни работи ниту Амбасадата немаат право да прогласат за неважечки личен документ кој не го издале тие, туку Министерството за внатрешни работи.
