Кај еден од тројцата македонските државјани што се наоѓаат на крузерот „Дајмонд принцес“, кој е закотвен во Јокохама, Јапонија, потврдено е присуство на коронавирусот и тој во моментот е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија, соопшти МНР повикувајќи се на информациите од јапонските надлежни органи преку Амбасадата во Токио.
Во соопштението се истакнува дека Амбасадата е во комуникација со заразениот македонски државјанин, како и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот.
Според овие информации, тие се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми што може да укажуваат на присуство на коронавирусот.
Во меѓувреме, Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите, предност имаат лица со симптоми што укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75-годишна возраст и лица со хронични заболувања.
Претходно денеска јапонското Министерство за здравство соопшти дека кај уште 44 лица на крузерот е утврдено присуство на новиот коронавирус.
Со тоа бројот на заболени на бродот, на кој во карантин се наоѓаат повеќе од 3 500 патници и членови на екипажот, се зголемил на 218, од 713 лица колку што се досега тестирани.
Јапонските власти соопштија дека ќе им дозволат на некои повозрасни патници, кои биле негативни на тестот за коронавирус, да го напуштат бродот пред истекот на карантинот, 19 февруари. Тие ќе заминат од бродот уште утре, а останатото време за карантин ќе го продолжат на копно.
Според јапонските медиуми, околу 80 отсто од патниците се над 60-годишна возраст, 215 се на 80-годишна возраст, а 11 лица имаат по 90 години.