Со авионски превоз и преку хуманитарни конвои досега во земјава се вратени 1 842 македонски државјани кои беа заглавени во странство поради пандемијата со коронавирусот, информираше Министерството за надворешни работи (МНР).
Најголем дел од нив – 1 097 се вратени од пет европски земји: Малта Хрватска, Словенија, Германија и Австрија. Нивното враќање во земјава било со седум авионски летови од градовите: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон и Виена.
Со хуманитарни конвои, односно со автобуси и автомобили од Црна Гора, Словенија и Истанбул се вратени 150 граѓани.
„На 446 наши државјани им беше пружена помош од МНР преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана. Со регулирана постапка, пак, во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР беа издадени на 145 македонски граѓани за да ги преминат српските граници за да се вратат во земјата“,
соопштија од Министерството.
Од МНР велат дека им помогнале и на четири наши државјани кои биле затекнати во Перу. На нив им е помогнато на тој начин што било овозможено со чартер-лет да пристигнат до Виена.
Од Скопје си заминале над 400 странци
Покрај враќањето на македонските граѓани, од МНР велат дека помогнале и во враќање на странски државјани кои се нашле затекнати во земјава.
Така, било овозможено враќање на повеќе од 400 странци во своите земји, меѓу кои: Австрија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др.
Вечерва околу 160 граѓани се враќаат од Базел
За вечерва, пак, е најавено враќање на нова група македонски граѓани. Околу 160 патници треба да пристигнат со лет од Базел до Скопје.
Според соопштението од Владата издадено утрово, летот е закажан за 20:25 часот, а по пристигнувањето патниците ќе бидат однесени во 14-дневен државен карантин.
Како што е најавено, тие со автобуси ќе се упатат во карантин во хотелите „ЕСМ – Попова Шапка“, „Алпина“ во Маврово и „Цар Самуил“ во струмичко Банско.