Нашите контакти се отворени 24 часа, а на располагање се три телефонски броја на нашите дипломатски претставништва во Грција: +30 6655191321 во Атина; +30 6987200410 во Солун; како и СОС-телефонот на МНР во Скопје +38975273732, додаваат од МНР
Во врска со трагичната железничка несреќа, која синоќа се случила близу градот Лариса во Грција, Министерството за надворешни работи информира дека досега до македонските дипломатско-конзуларни претставништва не е стигната информација дека меѓу загинатите или повредените во несреќата има и државјани на Република Северна Македонија.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина и Генералниот конзулат во Солун се во комуникација со надлежните органи во Грција, од каде што чекаме и официјални информации за состојбата околу трагичната несреќа. Министерството останува отворено за реакција на барање на наши државјани, кои поради какви било причини предизвикани од несреќата им е потребна итна асистенција“,
соопштија од МНР.
Нашите контакти се отворени 24 часа, а на располагање се три телефонски броја на нашите дипломатски претставништва во Грција: +30 6655191321 во Атина; +30 6987200410 во Солун; како и СОС-телефонот на МНР во Скопје +38975273732, додаваат од МНР.
Бројот на починати во железничката несреќа во Грција се искачи на 36, а повредени се 66 лица, објавуваат локалните медиуми. Во централна Грција се судрија патнички и товарен воз, а спасувачките екипи ги извлекуваат патниците од згмечените вагони.
Костас Агорастос, регионалниот гувернер на регионот Тесалија, рече дека двата воза се движеле со голема брзина во моментот на судирот.
Тој додаде дека еден возач на воз не знаел дека доаѓа друг.
Првиот човек на железничкиот синдикат за локалните медиуми изјави дека не е сигурен како можела да се случи несреќата.
Јанис Дицас, претседател на синдикатот на железничарите, за ЕРТ изјави дека и покрај 40-годишното искуство не може да каже кој е виновен за несреќата. Тој додаде дека единствена утеха е тоа што несреќата не се случила во блискиот тунел.