Од Општина Аеродром информираат дека од безбедносни причини игралиштето е привремено затворено, а во најкус можен рок ќе се изврши санација на штетите и замена на оштетените реквизити со нови. Додаваат дека случајот е пријавен во полиција и се поднесени пријави против сторителите
Откако вчеравечер на социјалните мрежи се појави видео на кое случаен минувач затекнува група малолетници како демолираат детско игралиште во скопски Аеродром, денеска градоначалникот Дејан Митески објави дека излегол на терен да ја утврди состојбата на игралиштето. Митрески вели дека според првичните проценки, причинетата штета на игралиштето „Патрик“ изнесува повеќе илјади евра.

Од Општина Аеродром информираат дека од безбедносни причини игралиштето е привремено затворено, а во најкус можен рок ќе се изврши санација на штетите и замена на оштетените реквизити со нови. Додаваат дека случајот е пријавен во полиција и се поднесени пријави против сторителите.
„Ваквото однесување не смее да остане неказнето, затоа што станува збор за свесно уништување на имот што им припаѓа на сите граѓани. Посебна благодарност до нашиот сограѓанин Никола Поповиќ, кој со својата брза и одговорна реакција помогна да се спречи понатамошното дивеење и нанесување уште поголема штета“,
велат од Општината.

Од Општината апелираат до граѓаните доколку забележат вандализам, уништување на јавниот имот или какво било несовесно однесување, тоа да го пријават до општинските служби и полицијата за во иднина да се спречат ваквите појави кои се случуваат не само во оваа, туку и во други општини и населени места.
