Вкупно 125 македонски граѓани затекнати во Шведска, Данска и Холандија денеска се пренесени во земјава, соопшти МНР.
Репатријацијата е реализирана во организација на нашите амбасади во Стокхолм, Копенхаген и Хаг, во соработка со генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство.
МНР упати благодарност до колегите од амбасадите на Шведска, Данска, Норвешка и Холандија за соработката при репатрирањето на 27 странски државјани на летот од Скопје кон денешните дестинации, како и на надлежните институции на овие држави кои помогнаа во репатријацијата на нашите граѓаните.
Од МНР најавуваат дека продолжува успешната соработка и со надлежните власти на САД и Австралија во непреченото враќање на нашите граѓани затекнати на другите континенти, а за текот утре најавуваат лет за враќање на македонските граѓани од Италија.
Владата денеска донесе нова уредба со која ја дополни постоечката според која, секој државјанин на нашата земја, кој влегува во земјава по 13-ти април, а бил затекнат во земји со висок ризик од коронавирус, според листата на Светската здравствена организација (СЗО), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од најмалку 21 ден од денот на пристигнувањето во државава.