Пратеници од опозицијата реагираа дека во предлог-законот не е наведена горна граница за прекувременото работно време за изградба на автопатиштата и сметаат дека тоа што пишува оти работниците ќе имаат 12 часа одмор на ден и 24 часа непрекинат одмор во денот недела, значи дека ќе може да работат и по 12 часа на ден или, за шесте работни дена вкупно 72 часа во една седмица
Владејачкото мнозинство ги одби амандманите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог-измените на Законот за работни односи, со кои ќе се овозможи зголемена работна недела на работниците на проекти од национален и стратегиски интерес, како што е изградбата на коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“.
Амандманите на опозицијата предвидуваа бришење на членови од предлог-измените со кои се овозможува работната недела да трае подолго од предвидени 40 часа неделно, но и се предвидува дека за проекти од стратегиско национално значење „министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика го пропишува начинот и местото на исплатата на плата на работниците“.
Овој закон попладнево беше тема на дискусија во Комисијата за европски прашања. На седницата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, реагираше дека во предлог-законот не е наведена горна граница за прекувременото работно време за изградба на автопатиштата и смета дека тоа што пишува оти работниците ќе имаат 12 часа одмор на ден и 24 часа непрекинат одмор во денот недела, значи дека ќе може да работат и по 12 часа на ден или, за шесте работни дена, вкупно 72 часа во една седмица.
„Дали е нормално да се работи 72 часа и тоа на тешки градежни активности? Тоа не постои во ниедна држава во светот, дури ни во Африка. Ја кршите Директивата 88 на Европската комисија од 2003 година во која, во член 6, експлицитно стои дека работното време, вклучувајќи и прекувремена работа, може да изнесува 48 часа неделно. Ако сакаме да влеземе во Европската Унија, така треба да биде и во Република Македонија. Парадокс е што во Комисија за европски прашања кршиме европска директива. Ова ќе биде сериозна забелешка во следниот извештај на Европската комисија“,
истакна Петрушевски.
Тој го коментираше и тоа што се овоможува министрите за финансии и за труд и социјална политика да имаат дискрециско право за „начинот и местото на исплата на плати“, велејќи дека го загрижува затоа што може да значи сериозна даночна евазија.
„’Местото’ е сериозен момент зашто има можност на име на надоместоци на плата и давачки да се изнесе огромен дел од парите и ќе се даночат во друга држава“,
рече Петрушевски.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин во одбрана на предложените измени на Законот за работни односи, негираше дека работната недела ќе биде 72, туку ќе биде 60 часа, и само, нагласи, со писмена согласност од работникот и заради континуитет во реализацијата на проектот. Додаде дека прекувремената работа веќе постои во градежништвото и, како што рече, „дебело“ ќе му се плати на работникот.
„Нема да се дозволи експлоатација и нарушено работничко право на ниту еден работник. Невистина и манипулација е дека ќе имаат над 60 часа неделно… Секој прекувремен час ќе се исплаќа 35 отсто. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и, ако не сака, не може да биде присилен“,
рече Хусеин.
Заменик-министерот посочи и дека работата на делниците ќе зависи и од временските услови и од потребите за одредена траса, така што ќе има и денови кога нема да се работи и не секогаш работната недела ќе биде 60 часа.
Тој на седницата кажа и дека не го видел Договорот со „Бехтел и Енка“, но нагласи оти се работи за проект од интерес на граѓаните, од национално и стратегиско значење за државата и клучен за трансевропската транспортна мрежа на Западен Балкан, вклучително и за Република Северна Македонија.
Законот за работни односи е само еден од петте закони кои власта реши да ги промени користејќи го европското знаменце, што значи дека ќе се одбегне блокада на законите од опозицијата, како што беше случај претходно кога предлог-измените беа поднесени само по скратена постапка.
Меѓутоа, на употребата на европското знаменце, минатиот петок реагираа од Делегацијата на Европската Унија во земјава посочувајќи дека предлог-измените не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата, случаи за кои треба да се користи овој инструмент во Собранието.