Педесетина млади лекари, кои добија лиценца за работа во јули годинава, ќе бидат ангажирани на инфективните одделенија и на клиники за третман на пациенти со ковид-19. На средбата со дел од нив, министерот за здравство Венко Филипче рече дека тие ќе бидат ангажирани со договор на дело со 30 000 денари месечно платена пракса.
„Поголем дел од младите лекари, односно 51 од тие што добија лиценца за работа во јули годинава, веќе се пријавени за вработување во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со ковид-19, а паралелно со тоа веќе е обезбеден буџет за нивно ангажирање во здравствените установи. Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи, како што се здравствени домови и општи болници со проширена дејност, што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа“,
истакна Филипче.
На овој начин, вели Филипче, се поттикнуваат младите да се насочат кон јавното здравство и најави и други мерки за подобрување на условите за работа на младите лекари.
„Со овие одлуки ги охрабруваме младите сами да преземат одговорност. Се стремиме да го подобриме системот заедно со сите предизвици со кои се соочуваме во моментов, а паралелно со тоа продолжуваме и со вработувањата. Во тек се и други активности кои ќе ја подобрат работата со пациенти, следење на новините во медицината и практичните искуства. Се разгледува и можноста за воведување тест со теоретско знаење, пракса и евалуација на личност, што во моментов го нема кај нас, а е потребно. Сето ова ќе придонесе за натамошно унапредување на статусот и условите за работа на младите доктори“,
нагласи Филипче.