Таа на прес-конференцијата ги коментираше и измените на Законот за политички партии кои денеска до Собранието ги достави владејачката СДСМ и посочи дека истиот текст од нивниот предлог-закон за здруженија и фондации е ставен во законското решение што го предлага СДСМ
За восхитување е тоа што решија да се оградат од одредени структури и организации и нивното дејствување во државата, изјави денеска на прес-конференција, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, во врска со поддршката на владејачкиот СДСМ на измените на Законот за здруженија и фондации продолжени од нејзината партија, како и за предложените измени на Законот за политички партии од страна на пратениците на СДСМ.

Сепак, кај пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму владее воздржаност околу искреноста на поддршката на владејачкото мнозинство во однос на нивните предлог-измени и таа да не остане само на декларативни изјави бидејќи седницата на чиј дневен ред се измените на Законот за здруженија и фондации сè уште не е започната.
„Предлог-законот за Здруженија и фондации кој беше доставен минатата недела ќе биде прифатен од СДСМ, односно од пратениците од мнозинството. Сепак останува како декларативна изјава за која не сме сигурни дали тоа така ќе се издејствува на самиот крај. Како што гледате пленарната седница на која беше закажана и оваа точка доцни. Сè уште не е ни отворена и не може да гарантираме што ќе се случи денес иако се надевав дека ова законско решение ќе помине во Собранието“,
рече Мизрахи, која е овластен предлагач на измените од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог-измените на Законот за здруженија и фондации, кои ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе во Собранието на 7 октомври како реакција на нижењето бугарски здруженија и фондации именувани по контроверзни историски личности – соработници на фашистичката оска во Втората светска војна, станаа дела од набиената агенда на денешната 88. пленарна седница на Собранието, како една од над 30 точки на дневен ред, меѓу кои и изборот на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа и избор на двајца членови на Уставниот суд.
Според изјавите кои доаѓаат од пратеници, владејачкото мнозинство, иако засега само декларативно, најавува поддршка на Законот за здруженија и фондации на ВМРО-ДПМНЕ
„Законот за здруженија и фондации навистина бара ревидирање, бидејќи станува збор за закон којшто е стар веќе десетина години. Апсолутно го поддржуваме правото на слобода на здружување, но исто така мора да застанеме во одбрана на вредностите на кои се темели нашата држава, а тоа се антифашистичките вредности, така што секој предлог што е во таа насока ќе го поддржиме“,
изјави денеска пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ, во Собранието.
Дека ќе има поддршка од пратениците на владејачкото мнозинство викендов навести и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој за Канал 5 изјави дека „за иницијативата на опозицијата за промена на законот заслужува да се разговара“.
И покрај новите предлог-законски решенија и многубројни точки на дневен ред на денешната пленарна седница, таа сè уште никако да започне. Пленарното заседание првин беше закажано за во 11 часот за потоа да стигне известување од законодавниот дом дека тоа се одлага за во 13 часот. Но, и покрај новиот термин, 88. пленарна седница до моментот на објавување на овој текст, сè уште не беше започната, според објаснувањето, поради проблеми со електрониката.
Мизрахи на прес-конференцијата ги коментираше и измените на Законот за политички партии кои денеска до Собранието ги достави владејачката СДСМ, посочувајќи дека „апсолутно истиот текст“ од нивниот предлог-закон за здруженија и фондации е ставен во законското решение што го предлага СДСМ.
„Дополнително се огласи на прес-конференција и СДСМ кажувајќи дека ќе има и предлог-измени на законот за политички партии во кои е ископиран текстот кој беше даден во предлог-законот за здруженија и фондации и апсолутно дословно истиот текст е ставен во ова предлог законско решение. За восхитување е тоа што решија да се оградат од одредени структури и организации и нивно дејствување во оваа држава и тие преку закон да дејствуваат“,
изјави Мизрахи.
Таа, во тој контекст нагласи дека „значителен факт е тоа што Министерството за правда досега не реагираше по ниедна основа“.
Денеска, откако измените на Законот за здруженија и фондации, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се најдоа на дневен ред на денешната 88. пленарна седница на Собранието, пратениците на владејачкиот СДСМ до законодавниот дом денеска поднесоа предлог-измени на Законот за политички партии, чија интенција е, како што се наведува во измените, „да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и нациоанал-социјализмот.
Содржински, па дури и според вокабуларот, дефинициите во текстовите на двата закона – оној на ВМРО-ДПМНЕ за здруженија и фондации и оној на СДСМ за за политички партии – се речиси идентични.
Во однос на забелешката на Мизрахи за инертноста на Министерството за правда за ова прашање, на 7 октомври дента кога беше отворен клубот „Цар Борис Трети“, од Правда стигна информација дека е формирана работна група за изготвување нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение.
Според тогашните најави од Министерството, законот треба да биде објавен на ЕНЕР до крајот на овој месец.
Сепак, сега ќе треба да се види каков став ќе заземе владејачкото мнозинство во Собранието кон предлог-измените на ВМРО-ДПМНЕ и дали тоа ќе има некакво влијание на подготовката на законот инициран од Министерството за правда.