Според Мизрахи, членовите на Комисијата нема да се информираат само од актуелниот министер, со информации со кои тој располага, туку и од поранешни министри. Таа не сакаше да посочи за кои министри станува збор, но рече дека има потврда од некои дека денеска ќе имаат состанок во Собранието, а потоа благовремено ќе бидат известени за да има простор тие да бидат присутни на првата закажана седница

Анкетната комисија треба да утврди дали има политичка одговорност во случајот со Клиниката за онкологија и нема да дозволам оваа Комисија да се претвори во парасудски орган. Ние сме пратеници и политичари, кои согласно одлуката, ќе бараат политичка одговорност со чинење или нечинење за скандалот „Онкологија“, рече претседателката на Комисијата и пратеничка во Собранието, Рашела Мизрахи, на денешната прес-конференција по одржаната прва седница со единствена точка на дневен ред предлог-деловникот за работа на Комисијата.
„Од наодите на Анкетната комисија може да произлезат заклучоци кои се основа за поведување на постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции согласно членот 76 од Уставот. Се надевам дека оваа Комисија ќе утврди наводи и ќе предложи решенија и тоа ќе го направиме во очите на јавноста и заедно со медиумите“,
рече Мизрахи.
Според Мизрахи, членовите на Комисијата нема да се информираат само од актуелниот министер за здравство, со информации со кои тој располага, туку и од поранешни министри. Таа не сакаше да посочи за кои министри станува збор, но рече дека има потврда од некои дека денеска ќе имаат состанок во Собранието.
Таа очекува дека веќе во вторник ќе има закажано нова седница и ќе продолжат со работа. Сите заменици и членови на Комисијата се согласиле да работат секој ден вклучувајќи и викенди ако работата тоа го побарува.
На прашањето дали на следната седница ќе седне некој поранешен министер или директор на Клиниката за онкологија, Мизрахи рече дека за носење сведоци во Собранието, за да расправа Анкетната комисија, има процедура која е формализирана.
„Треба да се пратат покани, да имаме утврдување од нивна страна дали потврдуваат за дадениот датум и час. Ќе направам сѐ за благовремено да бидат известени и да има простор тие да бидат присутни на првата закажана седница“,
рече Мизрахи.
Очекувањата на Мизрахи од работата на Комисија се дека ќе има, како што рече, заклучоци за вистината и дали има или нема одговорност и во колкава мера е одговорноста во настанатиот случај доколку ја има.
„Но, многу поважно, очекувам да имаме заклучоци кои ќе поведат начин да има системски решенија со кои ќе превенираме вакви скандали или трагедии во иднина. Се надевам дека ова ќе биде првата Анкетна комисија која ќе заврши со такви заклучоци и истите ќе бидат имплементирани“,
додаде таа.
Мизрахи вчера, во најавата дека денеска ќе биде првата седница на Комисијата, на новинарско прашање дали доколку се потврди политичка одговорност, ќе се бара и друг вид одговорност од страна на Анкетната комисија и дали во неа ќе бидат инволвирани сегашни и поранешни директори на Онкологија, како и други функционери, рече дека сите релевантни институции и функционери секако ќе бидат повикани на разговор доколку одлучи комисијата такво нешто.
Анкетната комисија се формираше на предлог на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и таа брои 12 членови и исто толку заменици.