Премиерот на денешната прес-конференција со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, меѓу другото беше прашан за коментар за дел од наводите што денеска на отворен брифинг со новинарите ги изнесе новиот лидер на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, а кои се однесуваа на измените на Кривичниот законик (КЗ) од септември лани, за кои рече дека биле грешка, и за кредитот од половина милион евра од Унгарија за кој изрази сомнежи за неговата вистинска намена
СДСМ ги видовме седум години и навистина очекувам да бидат малку позрели и поконцентирани во изјавите и самокритични. И тоа е добро и здраво, на Македонија ѝ требаат како здрава и конструктивна опозиција, политичка партија којашто некогаш беше државотворна. Жалам што се претворија во маалска група што во јавноста на дневна основа смислува некакви тези што апсолутно никој жив, па мислам дека ниту тие самите не ги разбираат кога ги кажуваат.

Ова беше дел од коментарот на премиерот Христијан Мицкоски на дел од наводите што денеска на отворен брифинг со новинарите ги изнесе новиот лидер на опозискиот СДСМ, Венко Филипче, а кои се однесуваа на измените на Кривичниот законик (КЗ) од септември лани, за кои рече дека биле грешка, и за кредитот од половина милион евра од Унгарија за кој изрази сомнежи за неговата вистинска намена.
Имено, Мицкоски на денешната прес-конференција со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, по повод одбележувањето на 102 години од основањето на Комората, беше прашан дали ќе го разгледаат новиот предлог-текст на Кривичниот закон за кој Филипче рече дека е изготвен и дали смета дека има потреба од нов КЗ.
Премиерот во одговорот директно се осврна на ефектите од измените на КЗ од септември лани, посочувајќи дека поради нивното деонесување застареле голем број дела што се воделе против лица, а за кои тие сега бараат отштета што сега ја плаќаат граѓаните. Со овие измени, според Мицкоски, поранешната влада имала намера да си ги амнестира своите криминали.
„Што правиме со оние дела коишто застареа и за кои вие граѓаните плаќате отштета затоа што тие дела застареа? Ќе вратат ли од украдените пари што ги украдоа овие седум години, бидејќи имате дела кои застареа и врз основа на тоа што бараат отштета, добиваат од Буџетот на државата. Тоа се милиони евра, тоа се ваши пари. Еве нека извадат од џеб, нека продадат дел од својот имот, а богами го имаат, голем е имотот на поранешните функционери од СДСМ, и нека вратат од Буџетот. Тоа е прво. Второ, студент на прва година правен факултет знае дека секое лице коешто ќе биде процесуирано ќе го користи оној закон којшто во времето на сторување на делото е апликативен. Е, сега, си донесоа закон за да ги амнестираат своите криминали и на оние политичари кои од минатото им беа потребни за да им застарат дел од делата и сега ќе носиме нов закон“,
рече Мицкоски.
Говорејќи во таа насока, премиерот кажа дека тие немаат проблем да се носи нов закон, но тој да биде согласно европските закони, а не „како што му треба некому“.
„И затоа се чудам што и професори учествуваат позади овие изјави, а ги слушнавме. И навистина не можам да сфатам зошто упорно не ја научија лекцијата на грешките коишто ги правеа во минатото. Но, во ред, тие си имаат свој начин на политика. Мислат дека со ваков фолклор и памфлети ќе привлечат внимание, но тоа е што е. Можеби човек понекогаш не треба ниту да ги коментира, но сепак се опозициска партија, сега морате да им ги коментирате позициите, тоа е што е“,
додаде премиерот.
На новинарска забелешка дека законот е изготвен од Министерството за правда, Мицкоски рече:
„Ама сега Министерството за правда нема таков закон, а сега тие си седнале во партија и си направиле таков закон. Прво си направивме закон, викавме ајде со овој закон ќе амнестираме поединци, ќе ги носиме од лево, од десно додека бев јас во опозиција, да му правиме штета на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави тој.

Во врска со прашањето за кредитот од Унгарија и сомнежите на опозицијата дека со тие пари ќе се купувале фирми и медиуми, Мицкоски изјави дека тие јасно кажале за што ќе бидат наменети парите. Според него, од СДСМ се исплашени од ефектите што тие ќе ги донесат и дека по дебаклот што ќе го доживеат на локалните избори догодина ќе мораат повторно да избираат претседател на партијата.
„Што се однесува до средствата од овој заем, ние транспаретно кажавме каде ќе одат – 250 милиони евра за бизнисот, 250 милиони за капитални инвестиции во општините. Тоа се 500 милиони евра. Кога јас би бил претседател на СДСМ, прво што би направил? Прво би излегол во јавноста и би им се извинил на граѓаните, простете што поради наш министер плаќате неколку милиони евра за издадена државна обврзница пред неколку години затоа што тој не ја потпиша навреме и тогаш каматаната стапка од шест и пол отиде над седум проценти. И простете, тука имаме вина, и еве, од тоа што крадевме овие седум години, дел ќе вратиме назад заедно со нашите коалициски партнери, а потоа можеме да седнеме и да критикуваме дали е тоа вака, дали е тоа така. Реалноста која е? Тие се плашат дека со овие средства и со инвестициите во општините, а бидејќи следната година следат локални избори, ќе доживеат уште еден изборен дебакл. Односно Владата заедно со градоначалниците меѓу кои имаат и тие свои градоначалници ќе испорачаат резултати пред граѓаните, иако морам да кажам дека во оние општини каде имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, реализацијата е повеќе од 80 проценти од тоа што било ветено во 2021 година. Тие ќе доживеат изборен дебакл, па ќе мора уште еднаш да бираат нов претседател, на нов конгрес. И сега логично е дека овој нов избран претседател во јавноста ќе се бори да тоа не се случи, па ќе измислува дека со овие пари ќе биле купувани фирми, медиуми или што ти уште не“,
кажа Мицкоски.
Според него, изминатите седум години од македонската економија биле украдени повеќе пари од три-четири вакви кредити и доколку се врателе, воопшто немало да има потреба држвата да позајмува.
„Само тие пари што ги имаат испокрадено да ги вратат во македонската економија нема да ни требаат вакви кредити. Да ги вратат тие пари што ги испокрадоа по трговски центри, по коцкарници, по фабрики за марихуана, по наместени тендери, по инстант фирми за увоз на јаглен, ископи трипати поскапи од реалните цени, само тие пари да ги вратат, нема да ни требаат вакви заеми. Само тоа треба да го направат, но за жал не го прават доброволно. Е, сега, ќе видиме како понатаму ќе се развиваат работите“,
рече премиерот.