„Жалам што граѓаните што го следат собранискиот канал можеа да бидат сведоци на однесување во домот што треба да биде дом на демократијата, а не дом каде што ќе се обидат неколкумина луѓе да приредат едно реално шоу во кое себе си ќе си доделат некоја титула“, рече Мицкоски од собраниската говорница
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој како носител на листата за пратеници во изборната единица 1 на коалицијата „Твоја Македонија“ обезбеди пратеничко место денеска го имаше своето прво обраќање од собраниската говорница.
Мицкоски обраќањето го почна со извинување до македонските граѓани за, како што рече, она што пратениците од Левица им го понудиле да го слушнат.
„Да се извинам за тоа што можеа граѓаните да го слушнат од Левица. Жалам што мораа да бидат тие што го следат собранискиот канал да бидат сведоци на однесување во домот што треба да биде дом на демократијата, а не дом каде што ќе се обидат неколкумина луѓе да приредат едно реално шоу во кое себе си ќе си доделат некоја титула. Потоа преку неколку клипчиња на социјалните медиуми ќе се обидат да ве девалвираат вас, пратениците во македонското Собрание, но и граѓаните кои масовно ја поддржаа идната влада. Се извинувам и на оние кои го дадоа гласот за овие малкумина пратеници, кои очекуваат дека со агресивен стил ќе постигнат нешто“,
рече Мицкоски во својот прв пратенички говор.
Тој додаде дека ќе следува година на реформи, развој и владеење на правото.
„Ќе биде година на бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата“,
додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, егзебционистичките моменти на пратениците од Левица биле во отсуство на други идеи, па затоа морало, како што рече тој, да навредуваат, понижуваат и омаловажуваат.
„Истите овие луѓе имаа можност да застанат зад политиките кои ги поддржаа повеќе од 1,5 милиони граѓани. И во тие политики немаше гласови само од Македонци. Имаше гласови од Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми. Вие ја пропуштивте шансата. Првата шанса беше кога го одбивте повикот за национално единство пред парламентарните изборите, а конечно ставивте печат на потенцијалното национално единство кога во вториот круг заедно со вашите стопани Али Ахмети, Артан Груби, одлучивте да го бојкотирате изборот на новиот претседател“,
додаде Мицкоски.
На обраќањето на Мицкоски реплицира претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој му рече дека повторно е на погрешната страна.
„Повторно сте на погрешна страна, за косоваризација на македонскиот парламент. Да ви честитам што конечно се одваживте да држите јавна функција за да поднесете анкетен лист, а не како досега да бидете шпицен. Да го видиме вашиот имот и да ги видиме шпекулациите за наводни хидроцентралите кои во меѓувреме можеби ги префрливте на некој. И на крајот на вистината не и треба јавната поддршка за да биде вистина. Ние ви понудивме македонска платформа, а вие ја одбравте тиранската“,
искоментира Апасиев.
Обраќањето на Мицкоски беше во расправата околу изборот на Африм Гаши за собраниски спикер. Во овој дел од седницата на говорницата излегоа сите шест пратеници на Левица кои беа најжестоки во коментарите против изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието.
Откако заврши расправата, Африм Гаши беше избран за претседател на Собранието, „за“ гласаа 76 пратеници од присутните 82, „против“ беа шестмина, а воздржани немаше.
Пред тоа на седницата беа верификувани мандатите на 118 пратеници.