Здраво Македонијо, здраво ВМРО-ДПМНЕ. Вака старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ го започна говорот на 17-тиот партиски конгрес, откако претходно делегатите го реизбраа за претседател на партијата со 489 гласа „за“ и три неважечки ливчиња.
По прогласувањето на изборниот резултат и аплаузот, Мицкоски во обраќање од салата „Јане Сандански“ во Скопје упати порака до целото партиско членство.
„Подответе се…! Нè чека работа, нè чека многу работа. Нè чека борба! Народот има очекувања од нас и мора да ги оправдаме. Народот има надеж дека нешто ќе се промени. Мора да промениме. Народот верува дека може подобро, мора да биде подобро. И конечно, народот сака да види избор, опција на која ќе ѝ верува, ние сме таа алтернатива и мора да направиме сè за да бидат убедени дека можат да се потпрат на нас. Не смееме да разочараме, не смееме да потфрлиме, мора да успееме“,
кажа Мицкоски.
Тој го промовираше и новиот политички документ – доктрина за идното дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, која опфаќа повеќе теми.
„Најавувам нова политика, нов концепт на заедништво, наречен нов договор. Новиот општествен договор кој ќе го донесе заедничкиот патриотизам преку мобилизација на секоја креативна индивидуа треба да ги сруши ѕидовите и планините кои политичарите ги создаваа меѓу граѓаните. Заедничкиот патриотизам не е само празна флоскула туку филозофија врз кој почива оваа втора епоха.Заедничкиот патриотизам значи создавање на имунитет кон секој обид на манипулација на власта кон етничките прашања кои нè разединуваат“,
кажа Мицкоски.
Реизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото рече дека целта и визијата е да се постигне економски стандард како во Австрија, данокот за млади луѓе да биде 0%, а секоја година по стабилизирањето економијата да расте до 6%. Да имаме универзитет во првите 500 според Шангајската листа, и да регулираме пазар за трговија со криптовалути и трговија со примена на блокчејн технологија.
„…И најпосле, да доживееме Македонија да стане дел од Европската Унија. Ова не е сон, ова е наша цел“,
рече Мицкоски.
Доктрината, која Мицкоски вели е двоглед кон иднината, е дело на Трајко Славески, Рашела Мизрахи, Марјан Ѓорчев, Илија Димовскии други експерти од повеќе области. Нејзината содржина ја пофалија серија партиски функционери во текот на денот.
Тие истовремено споменаа дека Мицкоски како единствен кандидат на денешниот партиски конгрес, апсолутно ја заслужува довербата на членството, особено поради, како што кажаа, одличниот резултат на локалните избори.