За националните теми, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече, во рамки на денешниот конгрес, дека партијата останува на десничарскиот курс
Николоски вели дека уште утре треба да се распушти парламентот, а од друга страна бара 100 дена за преодна Влада
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, рече дека партијата цели кон поширок опфат на поддржувачи, поради што во новата доктрина што треба да биде усвоена на денешниот конгрес, има и елементи со кои оди кон политичкиот центар, а во мали сегменти и кон левицата во економскиот дел.
„Најзначајно е тоа што со доктрината се проширува опфатот на потенцијални поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, па така се движи партијата и кон центарот, бидејќи се опфаќаат и гласачи кои што се гледаат себеси во темите што ги покрива центарот. Во дел во економски теми се оди малку и кон лево. Секако се задржуваат традиционалните теми на ВМРО-ДПМНЕ кои се центар десни и десни, пред се националните теми. Во еден збор сите оние кои што сакаат помалку корупција, а повеќе економски напредок се добредојдени во ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Николоски во изјава за Канал 5.
Според него, доктрината треба да е патоказот по кој ќе се води ВМРО-ДПМНЕ до победа на, како што рече, извесните предвремени парламентарни избори и после тоа раководењето со македонската влада.
„Извесно е дека оваа Влада нема капацитет да ја води Македонија. Државата веќе има здравствена криза, има долгогодишна политичка криза и е пред сериозна економска криза која ќе е резултат на енергетската криза. Се покажа дека нема тим кој знае да се справи со овие предизвици, а всушност и поразот кој им се случи на локалните избори го делигитимира СДСМ како основна политичка партија носител на досегашната Влада. Тие со разни притисоци и уцени, ако сакаат и пари можат да обезбедат по некој пратеник, но тоа не може да е на долг рок, затоа што немаат одговори за основните предизвици“,
нагласи Николоски.
Тој посочи дека очекува новиот претседател на СДСМ да седне заедно со ВМРО-ДПМНЕ и да поразговараат за да се определи датум за предвремени парламентарни избори најбргу што може.
„Па ние мислиме дека час поскоро треба да се случат изборите. Ако ние се прашуваме уште следната недела треба да се распушти Собранието, да се даде оној законски рок од 100 дена и да се оди на предвремени избори“,
укажа Николоски.
Според Уставот, предвремени парламентарни избори се одржуваат во рок од најмногу 60 дена од распуштањето на парламентот, додека законите за избори и за влада предвидуваат формирање преодна влада 100 дена пред избори за пратеници.