Јавно го кажувам ставот и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени
ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работната група за уставните измени. Ова денеска го повтори лидерот на партијата Христијан Мицкоски оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
По повикот што вчера го упати вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ до ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во процесот и во рамки на работната група да ги кажат ставовите, Мицкоски рече дека повеќе нема да се занимава со тоа прашање.
„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат, итн. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени,
рече Мицкоски при неговата денешна посета на селото Булачани во Општина Гази Баба.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што хрватскиот модел за промена на Уставот се отфрли од власта Мицкоски истакна дека од ВМРО-ДПМНЕ го предложиле хрватскиот модел бидејќи и самата власт го предлагала како добар модел, а за него зборувале премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи, претставници на меѓународната заедница.
„Свесни дека може да трпиме политичка штета и критика излеговме во јавноста и кажавме во ред, свесни сме дека ќе не критикуваат поедини платени инсталации на власта, со би рекол казино пари, но одлучени сме да застанеме и да кажеме го прифаќаме хрватскиот модел и истиот тој модел да го примениме за нашиот Устав, но сега од страна на Владата повторно имаме ретерирање, односно чекор назад“,
рече Мицкоски.
Претседателот Христијан Мицкоски направи и кратка антологија на настаните, и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има план и визија како да ја води Македонија.
„Јас би сакал туку една мала кратка антологија на настаните, април 28 ми 2022 година на прес конференција излегувам и велам тука сме како ВМРО-ДПМНЕ стоиме на располагање сакаме да помогнеме со преговорите со Бугарија, четири тима, вториот тим е со таа цел, бевме одбиени истиот ден, јули 2022 година состанок во клубот на пратеници претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски и Милошоски ги предупредуваме немојте ова да го преземете ова нема да биде прифатено од народот, не можете да го испорачате. Направија проблем, потоа разговараме и нудиме решение за овој проблем како треба да се реши и што треба да се направи тие излегуваат со план за условно кажано поголема зајакната владина коалиција а гледаме дека од тоа нема ништо, потоа им велиме во ред проблемот е на маса реалност е, имаме план да одиме на избори да го претставиме сите планот пред граѓаните, па граѓаните нека одлучат кому ќе му ја дадат поддршката. Повторно бегаат како ѓавол од темјан. Петтиот чекор велат хрватскиот е добар модел, ние велиме во ред го прифаќаме, бегаат повторно чекор назад, ова не е детска градинка“,
нагласи Мицкоски додавајќи дека сегашното мнозинство треба да се тргнат од власт.
Владејачките партии, како што рече Мицкоски, на следните парламентарни и претседателски избори ќе доживеат дебакл исто како на локалните.
„На следните парламентарни избори ќе изгубат најмалку 3 наспроти 1“,
рече Мицкоски, критикувајќи ги и теренските посети на СДСМ и на ДУИ.
Владата, премиерот Ковачевски и другите политичари од власта од страна на граѓаните се оценети, како што рече, „како лажливци и ќе бидат казнети на следните парламентарни и претседателски избори, како и да сакаат да ги организираат“.
„Ако мислат дури и да ги раздвојат, бидејќи слушам дека имале таква намера, и едниот и другиот пат ќе бидат депласирани“,
рече Мицкоски.
Од Министерство за правда оваа недела побараа од политичките партии застапени во парламентот, но и од претседателот Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи (МНР) и Секретаријатот за европски прашања (СЕП) да номинираат свои претставници во работната група. Рокот што им го дале за да предложат експерти е до 10 април 2023 година.
Од власта претходно порачаа дека се подготвени да ѝ отстапат на опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што таа мисли дека треба, во согласност со преговарачката рамка, а со цел да стекне доверба во процесот.
Вчера и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ги повика политичките партии да номинираат свои претставници во работната група за уставни измени. Тој рече дека не гледа причина која било партија да одбие учество во тој процес.
„Ние ќе се трудиме и понатаму да ги убедиме дека треба да учествуваат во ова во кој било формат“,
рече Маричиќ.