Опозицијата остава простор за разговори со сите партии, вклучително и ДУИ ако по изборите добие мандат да формира влада
Ако по изборите ВМРО-ДПМНЕ го добие мандатот за формирање влада, тогаш преговорите за коалицирање ќе ги води врз основа на компатибилност на партиските програми, а не врз база на освоени гласови.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска порача дека по изборите се можни разговори за коалицирање со сите политички партии, но според принципот „програма со програма“, кој, како што рече, не планираат да го менуваат.
„Животот не е игра. Во животот има принципи кои ако еднаш се прекршат, тогаш веќе не се принципи. Во име на тоа, можам да кажам дека политиките што ги води ВМРО-ДПМНЕ се темелат на принципи. Бидејќи овој принцип еднаш е прекршен, веќе кажавме дека идната коалиција ќе биде врз база на програма со програма и тој принцип не го менуваме“,
рече Мицкоски.
Тој коментираше во врска со изјавите на ДУИ дека победничката партија на Албанците на овие избори мора да биде дел од новата влада.
„Ако во еден оркестар свирите на различни ноти, тогаш логично е дека оркестарот нема да биде допадлив за ушите на слушателите. Затоа велам, ако тие програми, без оглед на која политичка партија се, допрат со програмите на ВМРО и обратно, не треба тоа да биде еднонасочна улица, сите политички партии доаѓаат во предвид, вклучително и ДУИ“,
рече Мицкоски.
Опозицијата се надева на 61 пратеник
Тој нагласи дека во ВМРО-ДПМНЕ се надеваат на 61 пратеник, затоа што партиските анализи покажувале дека сега се многу блиску до таа бројка, односно до резултат кој овозможува и самостојно формирање влада. Веднаш по изборите, пак, како што вели, се возможни разговори со сите политички чинители во државата, вклучително и со новата коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Според Мицкоски, како ќе заврши случајот „Рекет“ не зависи од политичарите, туку од судството и од обвинителите. Забележува дека никој во државата не се одважил да го повика доскорешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, да даде исказ што се случувало.
„На целата јавност ѝ е јасно дека Зоран Заев и Катица Јанева другарувале во минатото и оти нивните потези се резултат на тоа другарство. Од друга страна, Заев другарувал и со сопственикот на медиумот, односно бил толку непосреден со него што дури го советувал и прашувал од каде му се средства да го финансира медиумот. Бил свесен за активностите на ‘Меѓународниот сојуз’, кој работел со локални бизнисмени во државата, а не гледам дека Заев е повикан во случајот ’Рекет 2’ да сведочи за тој ‘Меѓународен сојуз’, за на крај и самиот да признае дека ја помагале телевизијата на начин на кој ја помагале во тие месеци“,
рече Мицкоски.