Околу уставните измени и дали е можно во моментот на гласањето во Собранието некои пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за нив, што е против неговиот цврст став, Мицкоски рече дека 44-те пратеници во Собранието го прават тоа што го мислат и дека тоа нема да се случи ниту сега ниту во иднина

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било пообединето. Сите оние загрижени политичари кои во овој момент ме напаѓаат мене и ВМРО-ДПМНЕ и обвинуваат за неединство, има еден начин да видиме дали е тоа така, а тоа се избори – беше денешниот одговор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето дали по отворениот судир со неговиот претходник Никола Груевски има опасност за единството, не само во пратеничката група во Собранието, туку и во самата ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, кратко дебатирајќи со новинарката која го постави прашањето околу тоа дали е изненаден што Груевски оди контра ставот на неговата партија за уставните измени, прво одговори дека не го знае ставот на Груевски за ова прашање.
„Ако се мисли на она што во јавноста провејува дека постои оска помеѓу Али Ахмети, делови од структурата на СДСМ и Никола Груевски за обезбедување на пратеници, апсолутно го осудувам, го отфрлам и сум згрозен од сето тоа. А во наредните шест месеци очекувам сè, но на тој начин само се создава еден вид лоша пракса и потоа ќе треба по примопредавањето на власта да го контролираме гневот што ќе се создаде овие шест месеци, а тоа не е добро“,
рече Мицкоски.
На прашањето кои се неговите очекувања од отворениот конфликт што го води со Груевски, бидејќи тој може да се врати во земјава и да не сноси никаква кривична одговорност, Мицкоски рече дека очекува кохезија, окрупнување и многу нови поддржувачи нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ја води раководството на партијата заедно со структурите, членовите и активистите. Додава дека ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот и својот легитимитет го црпи од народот, а не, како што рече, коленичејќи на црвени дебели персиски килими низ светот, туку заедно со народот.
Околу уставните измени и дали е можно во моментот на гласањето во Собранието некои пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за нив, што е против неговиот цврст став, Мицкоски рече дека 44-те пратеници во Собранието го прават тоа што го мислат.
„Не може некој да мисли дека сега СДСМ и ДУИ ќе дојде, ќе истури едно чудо пари пред нив или, пак, ќе направи нешто друго и тие ќе се предомислат. Тоа нема да се случи. Нема да има ниту еден и сега и во иднина. Ако не се смени нешто во условите, а јасно сме кажале што очекуваме да се смени, ни во иднина нема да има гласање, ако јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ и ако јас ја предводам идната влада. Да, подготвен сум ако бидам јас претседател на идната Влада да седнам и да разговарам што можеме да промениме. Ова не е договор на народот, ова е договор на неколку корумпирани политичари кои ја заведоа ЕУ дека може да испорачаат. 15 месеци поминаа и јасно е дека тие се неспособни да испорачаат. Ако некој мисли да дивее, ние ќе се браниме“,
одговори Мицкоски.
Во одговорите на новинарските прашања, Мицкоски рече дека во ВМРО-ДПМНЕ горат од желба да бидат распишани парламентарни избори за да покажат колку големо единство се.
„После ова што се случува, можам да кажам дека ги надмина и моите очекувања за тоа колкав е бројот на граѓани коишто му пристапуваат на ВМРО-ДПМНЕ насекаде во Македонија во овие изминати два дена. Навистина можам да кажам дека ако до скоро бев во дилема дали сме блиску до 61, сега веќе немам таква дилема, убеден сум дека 61 пратеник на следните избори е возможна цел, а тоа ни е важно затоа што на тој начин ќе ставиме крај на криминалот, корупцијата, декаденцијата, на тајните разговори, на распарчувањето на Македонија“,
рече Мицкоски.
Мицкоски повторно рече дека за неколку месеци од денеска ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата Влада, а упати и порака до СДСМ да извлечат поука од, како што рече, нивните погрешни политики изминативе повеќе од половина деценија и во опозиција да се преструктуираат.
„Вистинските патриоти во СДСМ да дојдат на вистинските места и повторно да се борат за Македонија, бидејќи СДСМ е политичка партија која е стожерна партија, барем во 90-тите години, иако во последните го изгуби тој епитет. Ова за нив ќе биде едно добро и непроценливо искуство кое ќе можат долги години во опозиција да го користат за да се реструктуираат и еден ден да бидат сериозен кандидат да бидат коалиционен партнер во некоја идна влада“,
додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
