Сепак, како што посочи, она што во моментов може да го види и што го слуша е дека никој ништо не може да ни гарантира. Поради ова, како што рече, ниту ние не можеме бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеса кон полноправно членство во Европската Унија и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно
Ние како Влада не можеме да влеземе во наивен процес каде што само ние ќе правиме отстапки без притоа да имаме јасна гаранција дека како држава ќе бидеме дел од европското семејство, изјави денеска премиерот Мицкоски.
Ова премиерот го кажа како дел од одговорот на новинарско прашање за тоа дали на средбите со европските функционери разговарал за намерата уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата на највисокиот правен акт на државата да бидат со одложено дејство, односно да стапат во сила откако земјава ќе стане поплноправна членка на Европската Унија и дали има некаква поддршка од Европската Унија во оваа насока.
„Од она што можам да го слушнам и од она што можам да сведочам од тие разговори е дека кај одредени постои интерес за придвижување на регионот кон Европската Унија, тука нема никаква дилема и дека дел од тој регион сме и ние како држава. Нашата стратешка цел останува полноправно членство кон Европската Унија. Сите оние регионални иницијативи како што е Берлинскиот процес, ЦЕФТА и слично, ние ги поддржуваме бидејќи во рамките на истите цениме дека полесно можеме да ги артикулираме нашите ставови и да бидеме прецизни во тоа, но нашата стратешка цел е полноправно членство во Европската Унија, нешто што го заслуживме многу одамна, бидејќи ќе ве потсетам повеќе од две и пол децении откако го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација, речиси две децении откако сме кандидати, повеќе од 15 години откако добивме позитивен извештај за отпочнување на преговорите, но поради причини кои веќе им се познати на македонските граѓани не сме во можност да го придвижиме овој процес ние како Влада не можеме да влеземе во наивен процес каде што само ние ќе правиме отстапки без притоа да имаме јасна гаранција дека како држава ќе бидеме дел од европското семејство“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешната посета на ОУ „Стив Наумов“ по повод првиот училиштен ден од новата учебна година.
Едно од можните решенија, рече премиерот, е уставните измени да бидат со одложено дејство, но и тоа, како што додаде, е условено од јасна гаранција за полноправно членство во Европската Унија.
„Едно од можните решенија е ова, но и тоа е условено, под услов да имаме јасна гаранција за полноправно членство во рамките на Европската Унија и тоа да биде во рамките на оние ветувања што ги даваа во 2018 година дека максимум ќе трае четири до пет години, а ние како Влада ќе дадеме се од себе тие преговори да ги реализираме“,
рече премиерот.
Сепак, како што посочи, она што во моментов може да го види и што го слуша е дека никој ништо не може да ни гарантира.
„Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира, не можеме ниту ние да бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеси кон полноправно членство во Европската Унија и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно. Ќе бидеме фокусирани и на едниот и на другиот. Ќе посветиме поголемо внимание на оној процес што зависи само од нас, а тоа е завршување на домашната задача. Доколку се појави двосмерна улица од другата страна ние сме тука, подготвени сме да разговараме, така што да оставиме и двете страни да сакаа, не е доволно само едната да сака“,
изјави Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски досега повеќе пати нагласи дека засега нема услови за отворање на разговори со актуелната бугарска влада за откочување на евроинтегративниот процес бидејќи таа само технички ја извршува функцијата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски коментирајќи ја последната реакција на бугарското МНР дека на властите во Скопје треба да им биде јасно оти обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, рече дека нема намера да одговара на луѓе што ловат политички поени, а кои во моментов се политички маргиналци во Бугарија, зашто се претставници на влада која нема легитимитет од никого.
Поради оваа негова изјава амбасадорката на земјава во Софија, Агнеза Руси-Поповска, пред два дена била повикана во бугарското Министерство за надворешни работи за да ѝ се изрази остар протест. Во соопштението од бугарското МНР се вели дека системските провокации и одбивањето да се исполнат обврските на официјални претставници на соседната земја дополнително ја оддалечуваат од почетокот на преговорите со Европската Унија.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска во изјава за медиумите ги критикуваше потезите на Владата во врска со евроинтеграцискиот процес на земјата, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ досега не спровела ништо од мудрата политика што партијата ја ветувала во предизборната кампања. Според Филипче, сè што гледаме е само влошување на односите со соседите.
„Не гледаме ниту еден чекор во насока на обид да се направи нешто во контекст на она што го ветуваа. Иако тоа било дел од стратегијата, навистина не гледам што има мудро во оваа политика. Сметам дека досега оваа влада не покажа никаква намера да го продолжиме европскиот пат“,
рече Филипче.