„Не гледаме ниту еден чекор во насока на обид да се направи нешто во контекст на она што го ветуваа. Иако тоа било дел од стратегијата, навистина не гледам што има мудро во оваа политика. Сметам дека досега оваа влада не покажа никаква намера да го продолжиме европскиот пат“, вели лидерот на опозициската партија
ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со укажување и ветувања во предизборната кампања дека интензивно ќе работи и ќе ја подобри нашата преговарачка позиција во однос на францускиот предлог и на сè она што треба да се направи пред почетокот на преговорите со Европската Унија. Ветуваа некаква мудра политика и дека ќе направат подобра позиција отколку што ние сме постигнале. Но, сè што гледаме е само влошување на односите со соседите.
Ова денеска го изјави Венко Филипче, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), одговарајќи на новинарско прашање во врска со односите на нашата држава со Република Бугарија, во насока на изјавите на претставниците на власта дека во овој период таму нема политичка влада и немаат можност за разговори со официјални претставници.
„Не гледаме ниту еден чекор во насока на обид да се направи нешто во контекст на она што го ветуваа. Иако тоа било дел од стратегијата, навистина не гледам што има мудро во оваа политика. Сметам дека досега оваа влада не покажа никаква намера да го продолжиме европскиот пат“,
вели Филипче.
На прашањето како ги оценува актуелните односи меѓу Скопје и Софија, Филипче смета дека како партија очекуваат, но додава дека и граѓаните очекуваат час поскоро да продолжат сите неопходни чекори со цел да ги почнеме преговорите со ЕУ.
„И тоа е обврска на владата. Да направат се, согласно нивните ветувања, дека ќе ја подобрат позицијата. Се што гледаме е само влошување на нашите односи со Бугарија. Тоа не оди во прилог на националните интереси на земјата“,
рече тој.
За потсетување, вицепремиерот Александар Николоски коментирајќи ја последната реакција на бугарското МНР дека на властите во Скопје треба да им биде јасно оти обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, рече дека нема намера да одговара на луѓе што ловат политички поени, а кои во моментов се политички маргиналци во Бугарија, зашто се претставници на влада која нема легитимитет од никого.
„Ова не е политика на Бугарија од вчера, туку ова е политика на источниот сосед која ја имаме во континуитет од 2020 година. Таму се до толку нефункционални што не можат ни избори да закажат. Ова им е седма или осма техничка влада, не можат веќе ни луѓе да најдат за техничката влада. Прво нека ги средат дома работите“,
рече тој.
Амбасадорката во Софија, Агнеза Руси-Поповска, пред два дена била повикана во бугарското Министерство за надворешни работи за да ѝ се изрази остар протест поради оваа изјава на вицепремиерот Николоски. Во соопштението од бугарското МНР се вели дека системските провокации и одбивањето да се исполнат обврските на официјални претставници на соседната земја дополнително ја оддалечуваат од почетокот на преговорите со Европската Унија.
„Официјалниот и секој следен владин кабинет ќе ја продолжи природната линија на бугарската надворешна политика кон Република Северна Македонија, насочена кон гарантирање на човековите права и почитување на принципите на добрососедство“,
велат од бугарското МНР.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, на прашањето дали има креативни решенија доколку Бугарија не сака да разговара или да репреговара за уставните измени, посочи дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија, па потоа да отвориме дијалог, зашто смета дека сме соседи и треба да градиме добри соседски односи.