Министерот се надева дека Јавното обвинителство и судот во иднина ќе ги преземат сите свои надлежности за на крајот да има правда во овој случај и да се упати порака до сите што мислат дека се недопирливи

Дел од илегалните лекови, кои беа запленети во полициска акција, биле наменети за домашниот пазар, а дел за странскиот, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој рече дека случајот произлегол од претходни оперативни постапки и вештачења на мобилни телефони.
„Дел од нив бил за македонскиот пазар, дел од нив, согласно првичните информации коишто ги имам, бил за пазар на територија на нашиот сосед. Добро е што оваа постапка и акција координирано се презема во соработка со Јавното обвинителство врз основа на претходни постапки коишто, да речеме, сме ги отпочнале, сме ги ефектиирале во рамки на телефоните коишто се одземени при првичната акција пред извесно време којашто ја имавме“,
изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање по дијалог-сесијата на Националната конвенција за Европската Унија.
Според Тошковски, дополнително произлегле докази кои довеле до сите чекори преземени за разоктривање на криминалната група.
„Добро е што е спречена една организирана криминална група којашто во изминатите години делувала на начин којшто делувала надвор од законите, внесувала на територија на државата различни типови незаконска роба, да се изразам, и добро е што повеќе нема да може да го прави истото“,
рече тој.
Министерот се надева дека Јавното обвинителство и судот во иднина ќе ги преземат сите свои надлежности за на крајот да има правда во овој случај и да се упати порака до сите што мислат дека се недопирливи.
МВР вчера соопшти детали од акцијата во која била сузбиена криминална група за криумчарење стоки и коруптивни кривични дела, при што е поднесена кривична пријава против осум лица, одземени се над 100 000 евра, лекови, суплементи и други предмети.
По поднесената кривична пријава од МВР, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) рекоа дека јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против осум лица. Групата е осомничена за тешки кривични дела, меѓу кои криумчарење, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување, давање поткуп, како и перење пари.
