Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, инсистира дека една од економските мерки што треба да се преземат во кризата е искористување на парите од вториот пензиски столб.
„За жал, кусогледоста на економскиот тим на Владата, дополнет со Спасовски и Зоран Заев, попречува да се види шансата која стои преку искористување на средствата од пензискиот фонд, а кој за македонската економија ќе значат дополнителни 200 милиони евра. Но, тоа не е случај со естонскиот премиер и тамошната влада кои ја презема истата мерка што ѝ ја предлагав на Владата пред една недела, а тоа е да се искористат парите од вториот пензиски фонд без да се доведат во каков било ризик средствата на осигурениците“,
вели Мицкоски.
Тој вели дека Заев и Спасовски свесно не сакаат да ја преземат оваа мерка зашто во прашање е суета или, пак, не се разбираат во економија.
„Што и да е од двеве причини, едно е јасно, дека сето ова се удира врз грбот на македонските граѓани. Истата мерка според Асошиејтед прес ќе ја имплементираат и други европски држави“,
вели Мицкоски.
Користење на парите од вториот пензиски фонд, според она што беше најавувано од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде дел и од една од уредбите што опозицијата ќе ги достави до Владата.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, на денешната прес-конференција зборувајќи за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека секој предлог е добредојде, но и оти до Владата не стигнале никакви предлози во форма на уредби.