Рушењето на Универзалната сала во Скопје не е опција, порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Фејсбук.
Универзалната сала, вели тој, е плод на солидарноста и еден од симболите на Скопје.
„И Скопје не секогаш ги имало најдобрите решенија, но секогаш имало душа и срце за големи работи. Салата не е само објектот, туку и спомените на скопјани и нема роден скопјанец чиешто детство и младост не се поврзани со Универзалната сала. Затоа нејзиното рушење не е опција. Ако некој сака да остави белег во Скопје, тогаш тоа нека бидат работите кои ќе ги создаде за Скопје, а не оние кои ќе ги руши“,
пишува Мицкоски.
Судбината на Универзалната сала се најде во фокусот на вниманието откако Град Скопје распиша конкурс за идејно решение за парк со летна сцена на таа локација.
Ова покрена лавина реакции во јавноста со коментари и тези „за“ и „против“ рушењето. Градските власти се повикаа дека на таков чекор се решиле бидејќи имале таков предлог и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Намерите на Градот се да се изгради нова Универзална со поголем капацитет и проширена програма, но на друга локација.
Од ААМ, исто така, излегоа со соопштение до јавноста во кое наведоа дека нивниот став е оти треба да се зачува објектот, но бидејќи од Град Скопје им кажале дека има потреба од сала со поголем капацитет, тие предложиле таа да се изгради на друга локација, а постојната да се претвори во јавен простор со оглед дека градските власти им кажале дека нема пари за реновирање на старата сала.
Синоќа со свои аргументи излезе и шефот на кабинетот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, Никола Наумовски. Тој порача дека Универзална сала нема да се руши, туку ќе се гради, но прашање е каде и наведе дека постојната локација е несоодветна, не може да се прошири објектот ниту да се обезбедат паркинг-места, a пристапот до објектот е небезбеден за населението во тој дел од градот. Претворањето во јавен простор, според него, нема да значи уништување на споменот на Универзална бидејќи во конкурсот се бара авторите за паркот и летната сцена да искористат делови од конструкцијата на постојната сала. Сепак, и тој и од Град Скопје вчера порачаа дека ова не е конечно решение.
*Поврзани вести:
Планот за дислокација на Универзална не е конечен, на маса се повеќе опции
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов со еден потпис реши да го урне симболот на Скопје
Трајановски до Шилегов: Дали Универзална се жртвува за изградба на 50 згради кај Треска?
Шефот на кабинет на Шилегов одговара: Универзална нема да се руши, ќе се гради, но каде?