Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека оставката на Драги Рашковски од функцијата секретар во кабинетот на премиерот е само прв морален чин, по кој оставка треба да си поднесе и целата Влада. Во изјава за медиумите, тој коментираше и дека Рашковски не може да си дозволи со својата плата да вози џипови од 70-80 000 евра и да гради хациенди.
„Оставка треба да си поднесе цела криминална влада, а не само Рашковски. Тој одамна треба да биде таму каде што припаѓа, а тоа е во затвор. Не може службеник со плата од неколку стотици евра или професор на факултет да поседува и да гради хациенди со по илјадници квадратни метри, да летува и да дезертира во ек на пандемија, таму каде што беше, и да ни кажува дека биле евтини аранжманите, да се вози со нови џипови од 70-80 000 евра, ако се негови, такви информации излегоа во медиумите. Ако се потврди како точно, ова е уште еден срам и блам на оваа влада“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели ако Рашковски неколкукратно го зголемил својот имот може само да се замисли што се случува со премиерот Зоран Заев и другите функционери.
„Срамота е ова што се случува. Оставката е прв морален чин, иако ова требаше порано да се случи, но ова треба да продолжи во континуитет со Владата. Она што можам да го кажам и како негов колега, се срамам што вакви луѓе се дел од Универзитетот иако сме од различни факултети“,
изјави Мицкоски.
Оставката на Рашковски, за која самиот ја информираше јавноста со објава на Фејсбук, доаѓа по случаите што ги отвори „360 степени“ – за набавката на софтвер што не го користи ниедна институција и за тоа дека Рашковски вози џип „волво-XC90“, кој не фигурира во неговиот анкетен лист. Вчера ТВ Алсат објави и дека Рашковски во Побожје ќе гради хациенда од 800 квадратни метри.
По сториите што ги објави „360 степени“ поврзани со софтверот за сообраќајни прекршоци набавен од Рашковски, додека беше генерален секретар на Владата, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција минатиот месец отвори предистрага по допрен глас за овој случај. Во тоа време Рашковски беше на годишен одмор во Мексико.