Во случај да не се изгласа предлог за одржување на вонреден конгрес, во следните 6 месеци не може да биде поднесено ново барање
Вечерва е избран и нов Извршен комитет на партијата, а Игор Јанушев веќе не е генерален секретар
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека тој останува на чело на партијата, откако Централниот комитет на партијата го одбил неговиот предлог за одржување вонреден когрес на кој тој не би бил кандидат.
„Иако до денешен ден немаше иницијатива за вонреден конгрес од оние кои водат хајка против мене, а целта им е ВМРО-ДПМНЕ и му служат на Заев, јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на кој јас нема да се кандидирам. ЦК, откако ја напуштив седницата, го одби едногласно ова барање и не се согласи со ваквиот предлог и ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Мицкоски по седницата.
Во следните шест месеци не може да се поднесе ново барање за вонреден конгрес
Во врска со ова, на својот Фејсбук профил, реагираше Даниела Рангелова, поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и една од оние кои бараа оставка од Мицкоски.

„Доаѓа на ЦК со предлог за нов Извршен комитет, а пред тоа предлага на ЦК, Конгрес кој истиот експресно му го одбиваат. ‘Театарче Лево Ќоше’“,
напиша Рангелова.
Во статутот на партијата има дел кој одредува, кога може повторно да се побара вонреден конгрес, откако еднаш такво барање е одбиено од ЦК, според кој тоа не може да се случи во следните 6 месеци.
„Во случај да не се изгласа потребата од одржување на вонреден конгрес, во согласност со ставот 4 на овој член, барање за поведување на нова постапка за негово одржување не може да се иницира во рок од најмалку шест месеци, освен во случите од алинеите 2 и 3 од ставот 1 на овој член“,
пишува во статутот.
Избрани се и нови членови на Извршниот комитет на партијата, додека генералниот секретар Игор Јанушев си поднел оставка на оваа партиска функција од лични причини.